ПОВЕЌЕ

    Извозот и државните инвестиции ја враќаат Германија на пат на раст

    Време зa читање: 3 минути

    Германија, најголемата економска сила во Европа, во последно време навикна на скромни, честопати разочарувачки бројки за раст. Токму затоа изјавата на гувернерот на Бундесбанк, Јоахим Нагел, звучи речиси необично оптимистички – најголемата економија на континентот годинава можеби ќе расте двојно побрзо од она што централната банка првично го очекуваше.

    Во интервју за францускиот дневник „Ле Монд”, Нагел изјавил дека, врз основа на резултатите од првата половина од годината, Германија е „на добар пат кон раст од околу 1% годинава – значително подобро од нашата јунска проекција”. Тоа е двојно повеќе од претходната официјална проекција на Бундесбанк, којашто во јуни изнесуваше само 0,5% раст, прилагоден за ценовни и календарски ефекти.

    Бројките зад изјавата на гувернерот всушност се прилично скромни на прв поглед – германскиот бруто-домашен производ во првите два квартали од годинава пораснал за 0,4%, односно 0,3% во однос на претходниот квартал. Но, важен е трендот – германската економија расте веќе четврти последователен квартал, вклучувајќи го и последниот квартал од 2025 година, откако претходно поминала низ подолг период на стагнација и повторени разочарувања.

    Според Нагел, клучен двигател зад подобрувањето се извозот и производствениот сектор. Иако темпото на раст сè уште не е особено високо, гувернерот истакна дека извозните бројки во последно време биле солидни, а прилив на нарачки во производствениот сектор – задоволителен. Со тоа Германија делумно се дистанцира од сликата на индустриска стагнација која со години ја обележуваше земјата, посебно во контекст на високите енергетски цени и глобалната несигурност околу трговската политика.

    Позитивниот тон на Нагел доаѓа и во услови кога германската економија неодамна се соочи со надворешен шок – енергетскиот пазар веднаш почувствува последици од војната на Блискиот Исток, што кратко го забави закрепнувањето започнато во зимската половина на годината. И покрај тоа, според Бундесбанк, експанзивната фискална политика – зголемените државни расходи за одбрана и инфраструктура – веќе почнува да го компензира негативниот ефект од геополитичките турбуленции.

    Иако разговорот со Нагел првенствено се однесуваше на економски прашања, гувернерот на централната банка не пропушти да упати и предупредување со политички призвук. Тој отворено ги критикуваше популистичките партии во Германија, меѓу нив и крајно десничарската „Алтернатива за Германија” (AfD), посебно поради нивните повици за напуштање на еврото. „Има луѓе во Германија кои тврдат дека се патриоти, а истовремено предлагаат напуштање на еврото”, изјави Нагел, јасно ставајќи знак на еднаквост меѓу заложбите за напуштање на заедничката валута и штетата што таквиот потег би ѝ ја нанел на германската економија.

    Останува да се види дали ова забрзување ќе се покаже како траен пресврт во германската економска приказна, или само привремено подобрување движено од извозот и државните инвестиции во инфраструктура и одбрана – фактори чиешто влијание, како што самиот Бундесбанк претходно предупреди, на долг рок останува ограничено без пошироки структурни реформи.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично