
Три нови инвестиции се во завршна фаза на договарање и се очекува договорите да бидат потпишани оваа есен, најави премиерот Христијан Мицкоски. Станува збор за инвеститор од Германија, компанија од САД и за проширување на веќе постојна инвестиција во Македонија.
Според Мицкоски, преговорите се при крај, а остануваат да се усогласат последните детали пред договорите да се најдат на некоја од следните владини седници.
„Во Брисел имав три средби со инвеститори кои во Македонија се во завршна фаза на постигнување договор. Едниот е од Германија, едниот од САД, а третиот прави проширување на постојната инвестиција и многу наскоро, оваа есен, сите три ќе потпишат договори“, изјави премиерот.
Тој рече дека сите три инвестиции се веќе во фаза на реализација и дека се усогласуваат последните елементи од договорите.
„Се пеглаат последните, би рекол, точка-запирка делови од договорите“, рече Мицкоски, додавајќи дека очекува тие наскоро да поминат на владина седница, по што ќе бидат објавени повеќе детали.
Засега не се соопштуваат имињата на компаниите, вредноста на инвестициите, локациите, ниту бројот на нови работни места што би можеле да бидат отворени.
Најавата доаѓа паралелно со засилената реализација на инфраструктурни и локални проекти. Според Мицкоски, во моментов низ државата се реализираат повеќе од 1.200 проекти.
„Мислам дека Македонија во моментот е претворена во едно големо градилиште“, рече премиерот при пуштањето во употреба на спортска сала во подрачно училиште во Кисела Вода.
Тој најави дека Владата ќе продолжи со поддршка на проекти и во следната година, а преку ЗЕЛС ќе бидат охрабрени општините да подготвуваат нови проекти согласно нивните можности. Дел од средствата од централниот буџет, според најавите, повторно би се насочувале кон локалната самоуправа.
Повеќе детали за трите нови инвестиции се очекуваат откако договорите ќе ја завршат владината процедура.
Аналитика








