ПОВЕЌЕ

    Интервју со Зоран Витанов по повод неговата книга првенец-Воскресни жив!

    Време зa читање: 12 минути

    ВОСКРЕСНИ ЖИВ
    Автор: Зоран Витанов

    УСПЕХОТ НЕ Е ВАШЕ ПРАВО, УСПЕХОТ Е ВАША ОБВРСКА!

    Пари: Воскресни жив е ваша прва книга. Колку долго ја пишувавте?

    Зоран Витанов: Книгата ја пишував во две етапи: најпрвин сама се пишуваше во мене полни 48 години, а потоа на хартија ја напишав за неполни три месеци. Едноставно, морав да ја напишам, бидејќи на сите мои предавања најчесто поставувано прашање ми беше зошто не напишам книга. Додека ја пишував, во позадина, во потсвеста се раѓаше уште една. Испадна дека отворив извор од кој истекуваат многу мисли за кои сметам дека е греота да не го видат светлото на денот и да не се споделат.

    Пари: Кој е мотивот, и од каде ја црпевте инспирациајата за оваа книга?

    Зоран Витанов: Насловот на книгата сам по себе објаснува многу за мотивот. Главен мотив ми беше да го споделам моето животно искуство, сметајќи дека имам што да препорачам, со оглед на резултатот кој го постигнав откога си го сменив начинот на размислување. На моја 40 годишна возраст, животот ми се смени толку драматично, што ни во најлудите сонувања не можев да го очекувам. На мојот 40/ти роденден си направив резиме на постигнатото и перспектива за иднината. Увидов дека доколку не променам нешто драматично, ќе живеам во магичниот круг на “понеделник-петок” се до пензионирање, а потоа, доколку се уште не банкротирал фондот, ќе живеам од пензија која нема да ми овозможи на за најосновни потреби. Ме уплашија размислувањата дека ова што го живееме е илузија, а она што го сметаме илузија е всушност вистинскиот живот. Чувствував дека во себе, но и во сите луѓе има огромен потенцијал. Почнав да осознавам колку малку користиме од тој потенцијал, а колку многу повеќе можеме. Разбрав дека стравот не држи парализирани да направиме многу повеќе од тоа што го правиме. Се променив, успеав и сега сакам сето мое искуство кое ме претвори во сосема понаков човек кој живее сосема поинаков живот да го споделам со целиот свет.

    Пари: Која е приказната за насловот на книгата Воскресни жив? Дали имавте бура од наслови?

    Зоран Витанов: Насловот си дојде сам од себе и беше еден од двата наслови кои се наметнаа спонтано. Го одбрав токму овој бидејќи многу објаснува за темата и кога им ги кажував насловите на моите блиски, сите веднаш го одбираа овој. Интересно е што на Гугл нема никаков наслов на никакво дело кое се вика “Воскресни жив”. Се работи за сосем оригинален и (според мое скромно мислење) за сосема соодветен наслов.

    Пари: За кого е наменета, на кого би ја препорачале?

    Зоран Витанов: Книгата е наменети за сите слободоумни луѓе со претприемчив дух, луѓе со амбиции, со интерен локус на контрола. Но, едновремено е и за оние кои во моментов не се такви, но би сакале да сменат нешто во нивните животи, како што сменив јас. За првите е водич до поголем успех, а за вторите е поттик за промена, повик за сопствено воскреснување.

    Пари: Како луѓето ги разбираат парите, а што тие всушност се?

    Зоран Витанов: Наместо да ви одговорам, еве еден цитат на таа тема од книгата “Тоа што може да ве замори е да обраќате внимание на медиокритетите, на просечните, на реалистите, на скромните. Преку нив зборува ѓаволот. Тие се негови портпароли, без да знаат дека се.

    Првата нивна алатка е скромноста. Ако не паднете во таа замка и си ги зачувате амбициите, следната алатка е да ве убедат дека парите се зло. Дали некогаш сте се прашале што е извор на парите? Парите се алат за размена, која не може да постои без да постојат произведени добра и луѓе способни да ги произведат. Парата е материјална форма на принципот на луѓе кои сакаат да тргуваат едни со други преку трговската размена, вредност за вредност. Парите не се алат на плачковците, тие кои со плачење тврдат дека им следуваат или на крадците кои ги одземаат со користење на сила. Парата ја создале вредни луѓе кои произведуваат нови вредности со ум. Тоа ли го сметате за зло? Погледнете го вашиот мобилен телефон и осмелете се да кажете дека тоа е производ на мускули и силеџии кои не размислуваат. Обидете се да одгледувате жито без претходното знаење на вредни луѓе кои го откриле тоа знаење пред вас. Дедо ми секогаш ми велеше дека разбојот и земјоделството немало да постојат ако немало луѓе со амбиции. Дали сега ви е појасно кога велам дека ние полека, но сигурно од луѓе се претвораме во мајмуни, а не обратно? Медиокритетите, реалистите, мрзеливите и скромните ќе ви зборуваат дека парите ги заработуваат силните на сметка на слабите. На каква сила мислат? Силата на оружјето и мускулите не создаваат вредност. Богатството е производ на човековата способност да мисли, а не да работи. Дали парите ги заработува човекот кој измислува софтвер на сметка на тие кои не го измислиле? Не! Тие создаваат нова вредност која претходно не ни постоела, мрзеливите ве лажат дека вредноста е константа, дека е пита, која кога некој има повеќе, тоа е на сметка на некого кој има помалку. Новата вредност прави таа пита да е сѐ поголема и да има за сите. Дали парите се стекнуваат од страна на интелигентните на сметка на глупавите? Од способните на сметка на неспособните? Од амбициозните на сметка на мрзеливите? Парата првин се заработува создавајќи нова, дотогаш непостојна вредност, пред да се украде или измоли. Создадена е од трудот на чесниот човек, секој според сопствената способност и тоа е нова вредност, а не е земање вредност од другите, просечните, неспособните, мрзеливите, скромните. Напротив, во таа нова вредност и тие добиваат. Сѐ што бараат вредните и амбициозните е да ги оставите на мир да создаваат, а не да ги казните со тоа што ќе ги оданочите со повисока даночна стапка и ќе ги спречувате со бирократски мерки од оние кои ги зеле парите од чесните и вредните со повисоки даночни стапки. Само чесниот човек знае дека не може да потроши повеќе отколку што заработил. Токму затоа има право да има амбиции! Не постои поголема трагедија во животот отколку да имате многу пари, но да си ја изгубите личната слобода и интегритет, но и не постои поголема среќа од тоа да имате пари, слобода и зачуван личен интегритет. Ако на ова го додадеме и здравјето, ја добиваме формулата за среќен и исполнет живот. Парите нема да ви го променат ставот кон животот, но ставот кон животот директно влијае на тоа колку пари вие ќе имате. Значи, љубовта кон парите е формула за несреќа, но користењето на парите како средство за постигнувањена личните цели е предуслов за среќа. Ако размислите подлабоко, кога парите ги сакаме толку многу што не сакаме да се одвоиме од нив, тие немаат никакво значење и се извор на несреќи. Само кога се ослободуваме од нив, тие добиваат реална употребна вредност. Исто како слугата на господарот, ако слугите се оставени без работа и безделничат по дома, господарите почнуваат ним да им служат, треба да ги хранат, вдомат, згреат… Само кога ќе им се дадат работни задачи, тие се полезни. Ослободувајте се од парите, а врзете се за семејството и за саканите. Ако човек не знае која му е целта во животот, парата нема да му обезбеди цел. Парите нема да купат интелигенција за будалата, храброст за страшливецот или почит за неспособниот. Човек кој ќе се обиде да ги купи умовите на тие подобри од него за да му служат, дозволувајќи неговите пари да му го заменат неговото просудување, набрзо ќе стане жртва на неспособните. Купените умови набрзо ќе го напуштат, но измамниците и лажговците ќе го обиколат со трчање. Тие се привлечени од законот кој самиот не го знаел: Ниеден човек не смее да биде помал од своите пари! Тоа е основната причина зошто јас секоја година вложувам сѐ повеќе и повеќе во едукација. Парите се последица на вашето знаење и компетенции, а не обратно. Не прашувајте колку ве чини едукацијата и стекнувањето нови вештини, прашувајте колку ве чини кога не се едуцирате и кога не стекнувате нови вештини.”Дел од овој цитат во мојата книга е и со содржан цитат од книгата “Atlas Shrugged” од Аyn Rand, книга која одигра голема улога во моите претприемнички и слободарски разбирања на животот.

    Пари: Доколку би можеле да посочите примери за ваши спознанија низ животот, кои би биле тие?

    Зоран Витанов: Ги има многу и најголемиот дел од нив се споделени во оваа книга. Сепак мислам дека можеби клучното сознание кое најмногу ме смени е сознанието дека ние во животот носиме одлуки раководени од разумот, наместо од емоциите. Мене животот драматично ми се смени кога наместо умот, почнав да си го следам срцето. Еве цитат од книгата на таа тема “Воопшто не е лесно да си го смениш умот, срцето и духот, но не постои ништо повредно и поважно од тоа. Само ако вистински го разбереме тоа, ќе преземеме лична одговорност за нашите животи и ќе направиме нешто во тој правец. Промените ќе почнат да се случуваат, но отпрвин неосетно и бавно, а потоа тие промени ќе се прошират во сите сфери од животот и ќе опфатат сѐ. Кога само ќе размислам колку е прекрасно, колку е охрабрувачки кога знаеш дека можеш да направиш нешто што ќе ја подобри состојбата во твојата околина така што ти си се сменил однатре и на тој начин ги рефлектираш тие промени надвор од себе. Ги благословувам сите кои се отворени и способни за промени во светот и кои преземаат нешто во врска со тоа, наместо да се жалат дека поради некого или поради нешто не се во состојба да го променат светот. Таквите луѓе ме поттикнаа и мене. Луѓето склони кон промени се како квасец од кои тестото нараснува. Без нив, сѐ ќе остане исто, ќе стагнира и ќе умре. Затоа јас одлучив од корен да се сменам и да се развивам. Чувствував голема радост и благодарност што бев свесен и одлучен да го сторам тоа. Тргнав во акција и одлучив да станам дел од личната промена, која подоцна автоматски ќе резултира и со промена на околината…

    …Препорачливо е со емоции да им се посветиме на резултатите што ги планираме во текот на денот, но не и со емоции да се „врземе“ за нив. Која е разликата? Кога се посветуваме емотивно, креираме возбуда и ентузијазам за можниот наш успех на крајот од денот, а кога се „врзуваме“ емотивно, креираме страв и болка за евентуалниот неуспех! “

    Пари: Во колкав тираж е испечатена оваа книга, и колкава е заинтересираноста да ја имаат (купат)?

    Зоран Витанов: Книгата е испечатена во 3.000 примероци. Пријатно не изненади првичната реакција на читателите. Излезе во продажба на 12.04.2020 без никаква промоција на ниту еден медиум, а веќе за 24 часа се распродадоа 1000 примероци, во услови на ограничено работно време, полициски час поради Корона вирусот и ограничено движење. Интересно е што секојдневно добивам пораки од наши луѓе низ цел свет, но и од непознати луѓе од поранешните ЈУ простори и од Бугарија кои прашуваат дали ја има книгата и на нивниот јазик. Со сигурност ќе издадеме и преведени изданија на англиски, српско/хрватски и бугарски јазик.

    Пари: Каде може да се најде вашата книга? Секој оној, кој сака да ја има оваа книга, на кој начин може да ја купи и да ја има во својот дом, кога знаеме дека во нашата земја владеат вонредни мерки?

    Зоран Витанов: Издавач на оваа книга е Просветно дело. Книгата може да се купи во сите триесетина продажни места на издавачот, како и во книжарниците на Трејд во Струмица. Исто така, книгата може да се нарача и он лајн на сајтот www.trejd.com.mk како и на фејсбук фан страната на Просветно дело. Има многу популарна цена од само 400 МКД.

    Пари: Што би им порачале општо на сите читатели во земјата?

    Зоран Витанов: Да читаат многу, да нема ден без да прочитат десетина страници. Особено да читаат книги за личен развој, но само од автор кој покажал резултат во областа во која пишуваат.

    Пари: И за крај, со кој цитат од книгата би го завршиле ова интервју?

    Зоран Витанов: Бидејќи денес е недела, ден Велигден, а самата книга во насловот алудира на сопствено воскресение, сметам дека најсоодветен е цитат е следниот:

    Тие што знаат не се разбрани од тие што не знаат. Е, сега, тие што не знаат се два вида: прости по дух, кои знаат дека не знаат и сакаат да научат. Другите, кога не знаат, претпоставуваат дека тие што знаат се измамници. Пред да претпоставите измама, претпоставете си сопствено незнаење. Исус го распнаа тие што не знаеја што прават, па претпоставија дека е измамник. Простите по дух се апостолите, кои претпоставија дека не знаат и му станаа ученици, а блажени се простите по дух, зашто нивно е царството небесно. “…

    …„Не дојдов да донесам мир, туку меч, со кој ќе одвојам татко од син, мајка од ќерка, брат од сестра.“ Тој е син Божји и може да воскресне и од мртвите. Нам, на обичните смртници ни е покажан патот, треба да го видиме и да се охрабриме да воскреснеме додека сме сѐ уште живи. При тоа, не очекувајте слава, туку отпор, токму од ближните кои се во матрицата. Ако Него го распнаа, не очекувајте нас да нѐ штедат! Она што вреди, вреди да се направи по цена на живот и смрт! Чуму ни е љубов за која не сме подготвени да умреме? Чуму ни е живот за кој не сме подготвени да умреме? Не е важно колку долго ќе живееме на овој свет, колку пари сме спечалиле или колку привлекуваме внимание. Сѐ што е важно е количината на позитивните вибрации што ги зрачиме!

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично