ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ | ПЕЦОВСКИ: Реплек има одлични потенцијали за раст – продолжуваме со јакнење на нашите пазарни позиции

    Време зa читање: 7 минути

    „Реплек” е компанија која длабоко е навлезена во осмата деценија од своето постоење, период одбележан со ентузијазам, раст, развој, квалитет, успеси, препознатливи производи… Амбициите се со несмален интензитет и постојано се одредуваат нови цели за освојување нови простори и достигнување повисоки дострели, во чиј фокус е фармацијата.

    За достигнувањата и плановите говори Душан Пецовски, генерален директор и претседател на Управниот одбор, кој раководен од мотото „цел без план, е само желба”, внесе нова енергија во „Реплек”.

    Пари: Финансиските резултати за првите шест месеци од годината покажуваат на раст на приходите од 32%. На што се должи тоа?

    Пецовски: Реплек минатата година зацрта нова цел, а тоа е зајакнување на позициите и развој на компанијата. За таа цел донесовме и нова извозна стратегија на компанијата која ја усвоивме како наша деловна рамка. Растот на приходите од 32% што ги остваривме во првата половина од годината е резултат токму на овие компаниски политики. Вкупната вредност на приходите, остварени во првата половина на годината изнесува 693 милиони денари, а зголемувањето во однос на истиот период минатата година е 168 милиони денари. Овие резултати се континуитет на нагорниот тренд што го остваривме во текот на минатата година, кога на годишно ниво остваривме раст од 7%.

    Анализите покажаа дека странските пазари нудат големи можности за нашата компанија, што е важно бидејќи ние сме извозно ориентирани. Најголем удел во растот има продажбата на странски пазари, каде растот изнесува над 40% во споредба со истиот период од минатата година, а раст има и на домашниот пазар.

    Имаме одличен потенцијал за развој и затоа се фокусиравме на фармацијата и зајакнување на капацитетите во насока на подигнување на нашите перформанси. Традицијата и експертизата на нашите луѓе, поддржана со вистинска деловна стратегија веќе ги дава првите резултати. Но, сакам да напомнам дека нашите планови се амбициозни, па оттука ова е само почеток.

    Пари: Кога дојдовте на оваа позиција во компанијата најавивте нова стратегија со фокус на фармацијата. Какви се ефектите од неа?

    Пецовски: Извозната стратегија, која веќе се реализира беше нов концепт, нов пат за нашата компанија, концепт кој се базираше на зајакнување на постојните адути на компанијата и поставување на нови кои ќе дадат дополнителна вредност. Ваквиот пристап во кој менаџментот цврсто веруваше доби поддршка и од нашите вработени и резултатите се веќе видливи. Реплек значително ги зајакна позициите на странските пазари, успеавме да освоиме и нови пазари, па сега скоро 82% од нашето портфолио е извозно. Компанијата е присутна на пазарите во Европската унија, регионот Адриа, како и на пазарите во Централна и Југоисточна Азија. Дел од нашите производи од фармацевтската програма се едни од најпродаваните на одделни пазари, што за нас е многу значаен показател. Имено, тоа е јасна потврда за нашиот квалитет и конкурентност. Покрај тоа ги зајакнавме и позициите на домашниот пазар. Продолжуваме да градиме нови вредности за Реплек, за нашите вработени, акционери и за економијата во целина преку јакнење на нашето портфолио и нашите позиции на пазарите.

    Пари: На почетокот на годината ја објавивте новата среднорочна дивидендна политика, која предизвика внимание и кај акционерите и кај инвеститорската јавност. Што очекувате да донесе оваа политика за компанијата?

    Пецовски: Сметаме дека транспарентноста и стратешкото работење е важно за компанијата на среден и долг рок, а особено за инвеститорска јавност. Затоа во првиот квартал од годината покрај одлуката за дивиденда од 1800 денари по акција, што не беше случај во претходниот период, донесовме и еден важен стратешки документ – среднорочна дивидендна политика. Со овој документ се создава поголема предвидливост на исплатата на дивидендата на подолг временски период, што е значајно за акционерите, но ќе обезбеди и подобри услови за континуиран развој.

    Дивидендната политика ќе се базира на неколку принципи и тоа остварување на годишна профитабилност на друштвото во распон од 60% до 150%, од последниот тригодишен просек, континуирано намалување на релативното ниво на задолженост и проширување и осовременување на работењето преку инвестирање. Од годинава, па сѐ до 2027 година се предвидува зголемување на дивидендата, која за 2023 година најмалку ќе изнесува 2000 денари, а во 2027 година истата треба да достигне најмалку 6000 денари по акција. Сите овие политички не се новина во корпоративниот свет, но се промена во начинот на управување во Реплек, што сметам дека е од огромно значење бидејќи развојот започнува одвнатре. Нема дилема дека оваа политика внесува свежина во начинот на работењето на компанијата, но и ја зголемува довербата пред инвеститорската јавност.

    Пари: Како ја оценувате економската состојба во земјата и колку државата дава поддршка за извозните компании?

    Пецовски: По кризата со пандемијата, а потоа и енергетската криза предизвикана од војната во Украина, која за жал сѐ уште трае, ги промени сериозно условите за водење на бизнис, а особено тоа се однесува на компаниите кои пласираат своите производи на странски пазари. Ние се прилагодивме на новите услови и успешно се справивме со сите предизвици. Но, во услови на глобални промени, од исклучителна важност е стабилната политичко-економска клима на домашниот пазар. Честите промени на законите, особено на економските закони во голема мерка влијаат на реалниот сектор, оневозможувајќи подолгорочна предвидливост и реализација на бизнис плановите. Промената, пак, на бизнис плановите носи непредвидливи трошоци за компанијата, па во таа смисла економската состојба кај нас најмногу е афектирана од нестабилната регулатива.

    Извозот е двигател на развојот на секоја држава, а кај нас нема многу компании кои успеаваат да ги пласираат производите на странските пазари. И покрај тоа што структурата на економијата е променета во корист на извозот, сепак треба да се интензивира државната поддршка на извозот, преку промоција на македонската економија и нејзините потенцијали. Нашето искуство покажува дека имаме што да понудиме и дека сме конкурентни и на глобалниот пазар.

    Пари: На што ќе останете фокусирани во следниот период?

    Пецовски: Развојот на компанијата и зајакнувањето на позициите на нашето портфолио на пазарите останува наш приоритет. Но, за да го постигнеме тоа мораме да подобриме повеќе позиции кои се предуслов за тоа. Во континуитет инвестираме во модернизација на нашето работење и подобрување на ефикасноста. Го прочируваме нашето портфолио со нови производи, а тоа веќе дава резултат на пазарите. На овој сегмент ќе останеме фокусирани и во следниот период, бидејќи фармацевтските производи кои го сочинуваат нашето портфолио имаат голем потенцијал.

    Посветени сме и на нашите вработени и постојано работиме на унапредување на нивните потенцијали и секако на унапредување на условите за работа и можностите за личен развој. Ова е отворен интерактивен процес, бидејќи веруваме дека само преку дијалог со нашите вработени можеме да создаваме соодветни услови.

    Во тек се и инвестиции во модернизација, воведување на нови технологии и дигитализација на нашите внатрешни процеси, со што ќе се подобри ефикасноста и продуктивноста во нашето работење. „Реплек АД“ инвестираше во фотоволтаична централа со инсталирана моќност од 940 kWp, заменувајќи над 40% од вкупната потрошувачка на електрична енергија со обновлива сончева енергија.  Компанијата доби и А – интегрирана еколошка дозвола, што е потврда за одговорното работење, континуираниот мониторинг и намалување на влијанието врз животната средина.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично