ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ | Николоски: Данокот на екстра профит ќе биде привремен и нема да ги опфати сите компании

    Време зa читање: 12 минути

    Енергетска криза, високи цени на нафтата, енормно поскапување на прехранбените производи, двоцифрена инфлација. При крајот на годината, сите очи се вперени во Власта – ќе има ли доволно пари во буџетот за да се справи со сите предизвици кои нѐ очекуваат следната година? Разговараме со заменик-министерот за финансии, Филип Николоски.

    Пари: Во моментов пратениците расправаат за предлог-буџетот за следната година. Планот на Владата е да потроши рекордни 5,3 милијарди евра, а да собере 4,6 милијарди евра. Опозицијата критикуваше дека буџетот е гломазен и неразвоен. Власта, пак, го бранеше дека ќе донесе раст и ќе одговори на потребите за справување со кризата. Ќе се трошат ли пари само за плати и пензии или сепак ќе биде наменет и за помош на граѓаните и компаниите за полесно да го пребродат кризниот период?

    Николоски: Главните цели поставени во Буџетот за 2023 година се насочени кон ублажување на последиците од енергетската криза, поставување на основите за економско заздравување, обезбедување непречено финансирање на евроатлантските интеграции и понатамошно забрзување на економскиот раст. Токму затоа сите политики и мерки што ги содржи Буџетот за 2023 година се насочени кон справување со енергетската и ценовната криза, поддршка на граѓаните и економијата, редовна и навремена исплата на плати и пензии, инвестиции, конкурентност на економијата. Поедноставно кажано ‒ сигурност, стабилност и основа за економски раст.

    Поконкретно да наведам, во Буџетот за 2023 година обезбедени се 225 милиони евра средства за антикризни мерки за справување со кризата (средства за поддршка на ЕСМ за обезбедување производство од домашните капацитети, со што граѓаните и компаниите на регулираниот пазар ќе ја добијат електричната енергија по субвенционирана цена, односно неколку пати поевтина од реалната цена), 120 милиони евра повеќе за пензионерите, 58 милиони евра повеќе за општините, 63 милиони евра повеќе за здравствени услуги, 203 милиони евра за поддршка на социјалните и ранливите категории, како и рекордни 800 милиони евра капитални инвестиции.

    Во однос на тоа дали ќе се трошат само за плати и пензии, јас ова прашање не би го ставил во негативен контекст… Една од целите е редовна и навремена исплата на плати и пензии. За исплата на плати се предвидени 34,9 милијарди денари, кои се проектирани на повисоко ниво, од 5 %, споредено со 2022 година, а за пензии се предвидени 75 милијарди денари. Дополнително би напоменал дека поддршка беше дадена преку донесената методологија за пораст на минималната плата, а беа зголемени и пензиите и тоа беше историски најголем пораст на пензиите досега. Платите и пензиите ќе продолжат да растат и во наредната година, бидејќи тука веќе е воспоставена методологија и тоа е системско решение за пораст на платите и пензиите.

    Пари: Од долго најавуваната даночна реформа, слушнавме дека нема да се воведуваат нови даноци, туку ќе се прошири само листата на производи, кои наместо 5 % ќе имаат зголемен данок од 10 %. Дали конечно е утврдено колку и кои производи ќе имаат зголемена стапка?

    Николоски: Воведување на нови даноци нема да има, ниту пак зголемување на постоечките даночни стапки. Листата на производи во РС Македонија, на кои се применува најниската повластена стапка на ДДВ од 5 %, е многу широка и вклучува производи кои имаат третман на луксуз, а не основен секојдневен прехранбен производ. Затоа нашата интенција е таа листа да се „исчисти“ од таквите производи, кои, иако се со таков третман, ќе преминат во друга повластена стапка, односно ќе се даночат со 10 %.

    Се прават последните анализи околу финализирање на тоа колку и кои производи ќе бидат опфатени со ова зголемување и очекуваме наскоро листата да биде објавена. Но, да потенцирам дека на листата остануваат основните прехранбени производи, производи кои се користат секојдневно во исхраната на граѓаните.

    Дел од производите коишто ќе бидат опфатени со ова зголемување се: тартуфи, тартуфи во масло, специјализирани џемови, млеко од овес, путер од кокос, разни зачини (шафран), разни семиња (киноа, чиа), путер од кикиритки, путер од сурутка, тропско овошје и тропско јаткасто овошје, луксузни морски производи и сл. 

    Пари: Николоски, одложено е прогресивното оданочување. На какви измени работите и кога евентуално би стапил овој закон на сила?

    Николоски: Уште на стартот на оваа реформа дефиниравме дека целта е да воспоставиме праведен и правичен даночен систем. Од таа определба не отстапуваме и ќе работиме на модел што ќе доведе до таков систем. Во поширокиот регион, РС Македонија сѐ уште е земја која има најниски даночни стапки, во секој поглед.

    Во овој момент анализите покажаа дека моделот што беше дефиниран во Законот за данок на личен доход со примена од 1 јануари 2023 година, не е применлив и дека нема да доведе до праведност, ниту ефикасност. Во таа насока, одлучивме укинување на постоечкиот модел на прогресивно оданочување, односно остварениот доход на даночните обврзници да продолжи да се оданочува со единствена стапка од 10 %. И, секако, оданочување со 15 % за доходот од добивките од игрите на среќа.

    Во наредниот период ќе работиме на новиот модел на прогресивно оданочување, во правец да се земат предвид вкупните приходи на едно домаќинство, а не на поединец, но сѐ уште не е дефинирано детално. Ќе се направат темелни анализи, ќе се земат праксата и искуствата на земјите од ЕУ и Западен Балкан, како и мислењето на сите засегнати страни. Имаме доволно време да се осмисли моделот и да се остави простор за да се информираат граѓаните и компаниите за измените што ќе се направат во таа насока.

    Пари: Во буџетот е планирано да се соберат повеќе пари и од сузбивање на сивата економија. Како ќе се справите со даночната евазија?

    Николоски: Еден од приоритетите на Владата и на Министерството за финансии е борбата со сивата економија, која е една од целите и во даночната реформа, за која веќе говорев, а која, исто така, обезбедува праведност и правичност во оданочувањето.

    Ако некој работи во неформален сектор и не ги плаќа обврските како оној што работи во формалниот сектор и го плаќа својот дел кон државата, тоа не е рамноправност. Затоа се преземаат мерки за да се формализира неформалната економија, односно тие што работат во сивата зона да се префрлат во формалната економија. Тоа ќе биде одговор и на барањето на бизнис-заедницата, која бара справување со сивата економија.

    Во тие рамки, Министерството за финансии има подготвено Акциски план, кој содржи сеопфатни мерки за системско решавање на сивата економија. Но, покрај институционалниот ангажман за сузбивање со сивата економија, треба и зголемување на јавната свест во насока на избегнување на користењето на услуги и купување производи кои се во неформалниот сектор. Значи, ние како Влада можеме да спроведуваме активности кои ќе бидат во насока таа да се намалува, но треба и поткревање на свеста дека и ние ја создаваме со користењето на производи и услуги кои произлегуваат од нејзиното дејствување. Исто така, еден од начините да се сузбие сивата економија е и дигитализацијата на процесите, со што ќе се намали можноста за нерегистрирано дејствување.

    Дополнително, во рамки на Царинската управа се работи на воведување на системот Track&Trace за сите акцизни добра (тутунски производи, алкохол и нафтени деривати), и во делот на Управата за јавни приходи, во фаза на имплементација е моделот на е-фактура, а во следна фаза и моделот на е-фискализација.

    Пари: Компаниите кои успешно работеле, ќе плаќаат данок на екстра профит. Што значи ова, кои фирми ќе плаќаат данок?

    Николоски: Ова прашање се отвори во рамки на дискусијата за Концептот на даночна реформа, што го организираше Министерството за финансии во изминатиот период. Како резултат на тоа, се пристапи кон анализи во Министерството за финансии, а се започна и дијалог со бизнис-заедницата. Решението што ќе се примени ќе се бара некаде помеѓу она што го покажуваат анализите, она што е сугестија на бизнис-заедницата и она што е пракса во соседните земји.

    Ова е данок кој не е новина, се воспоставува со времен карактер и со цел да одговори на дисторзиите што се јавуваат од некој шок. Исто така, важно е дека не ги опфаќа сите компании, туку само оние кои направиле екстра профит, а на кој влијаеле вонредните услови. Тоа се приходи кои не се создадени врз основа на инвестиции и стратегија за развој, туку врз услови кои во еден момент се појавиле и овозможиле некој да направи екстра профит. Се работи за големи фирми, успешни, кои оствариле значително повисок приход во 2022 година, во споредба со приходот остварен во претходните години.

    За примената на ваков данок има примери во земјите во ЕУ, има примери и во регионот, како во Хрватска, така што и ние ќе бидеме во таа линија, а и во линија со политиките што ги спроведува ЕУ.

    Пари: Покрај домаќинствата и фирмите од регулираниот пазар, кои користат субвенционирана струја, Владата ги помага и компаниите од прехранбената индустрија, училиштата и водоводните претпријатија. Има ли доволно средства во буџетот или ќе се бараат пари од надвор?

    Николоски: Буџетот е ликвиден и се исплаќаат сите обврски што се предвидени во политиките содржани во овој документ. За оваа година веќе се обезбеди потребното финансирање на дефицитот и значајно е што тоа се направи по модел кој обезбеди заштеди по основ на камати од околу 40 милиони евра на годишно ниво.

    Оваа година свесно не издадовме еврообврзница, и се задолживме кај меѓународните финансиски институции, со двојно пониски каматни стапки, со што направивме сериозни заштеди по основ на камати за следните години, како што веќе напоменав.

    Нашата определба за да се обезбедат средства по најповолни услови ќе продолжи и во наредната година за покривање на буџетскиот дефицит, а во таа насока е и потврдата од Меѓународниот монетарен фонд со овозможувањето пристап до Инструментот за претпазливост и ликвидност ‒ ПЛЛ, кој дава порака до инвеститорите дека спроведуваме здрави и одржливи економски политики.

    Пари: Од каде ќе најдете пари за покривање на буџетскиот дефицит?

    Николоски: Средствата за финансирање на буџетскиот дефицит проектиран на 42,7 милијарди денари ќе се обезбедат преку домашно и странско задолжување. За наредната година, како што е познато, веќе се обезбедени дел од средствата преку Инструментот за претпазливост и ликвидност (PLL) од ММФ, потоа најавените 80 милиони евра од ЕУ, и, секако, депозит кој ќе се пренесе од оваа година во следната.

    Редовно ги следиме движењата на меѓународните пазари на капитал. Средства ќе се обезбедат по поволни услови на домашниот пазар, со запишување државни хартии од вредност, додека на надворешниот пазар ќе се обезбедат со издавање должнички хартии од вредност на меѓународниот пазар на капитал и со повлекување на средства од поволни кредити од странски финансиски институции и кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти.

    Пари: Очекувате двоцифрената инфлација следната година да се спушти на 7,1 %?

    Николоски: Кризата има силно влијание врз инфлацијата, не само во земјава, туку и на глобално ниво. Така што, најголем дел од економиите се борат со стапки на двоцифрена инфлација. Карактерот на тој притисок е надворешен и ние не можеме да влијаеме на тоа, но сме активни и преземаме мерки за да влијаеме на намалување на стапката на инфлација.

    Познато е дека веќе се донесеа два пакети антикризни мерки, во март и во септември, за поддршка на граѓаните и стопанството. И тие беа најголеми во споредба со сите земји од регионот, и беа директен одговор на кризата. Во целиот период од годинава континуирано се преземаат мерки за да се влијае на стабилизирање на инфлацијата. Се очекува тие мерки да дадат резултат. Во наредниот период се очекува да има корекции на цените кај прехранбените производи од компаниите за кои Владата обезбеди субвенционирана цена на електричната енергија. Продолжувањето на субвенционирањето на цената на електричната енергија за домаќинствата и за компаниите кои се на регулиран пазар исто така влијае врз движењето на инфлацијата. Тоа се пакет на мерки кои ги презема Владата и се во насока на ублажување на последиците и стабилизирање на стапката на инфлација во наредниот период.

    Оваа година, поради зголемените цени на храната на светските берзи и порастот на цената на енергенсите, се очекува инфлацијата да биде над она што е проекција со ребалансот на Буџетот, но веќе во наредната година проектирана е на 7,1 %. Очекувањата и на глобално ниво се дека во 2022 година таа ќе изнесува 8,5 %, а во наредната година се очекува да се намали на 6,5 %. Сите релевантни меѓународни и домашни финансиски институции проектираат дека следната година инфлацијата ќе забави, како глобално, така и во нашата економија, врз основа на очекувањата дека цените на храната и нафтата ќе забележат пад во текот на наредната година. 

    Пари: Ако кризатата се продлабочува, дали има пари во буџетот за евентуален нов пакет антикризни мерки?

    Николоски: Како што напоменав и претходно, во Буџетот за 2023 година се обезбедени 225 милиони евра за справување со енергетската криза, односно за стабилно обезбедување со електрична енергија на граѓаните и компаниите и за нови антикризни мерки, доколку има потреба од тоа. Состојбата се следи постојано и се реагира соодветно на ситуацијата.

    Во тек е поддршката за над 150.000 пензионери со пониски пензии и над 42.000 лица од социјалните категории, субвенционираната цена за електрична енергија за прехранбената индустрија, се поддржаа и училиштата и здравствените институции, итн. За справување со кризата со Ребалансот се обезбедија дополнителни 4,7 милијарди денари, а потоа и со Одлука за прераспределба се распределија дополнителни 3,75 милијарди денари, само за справување со енергетската криза.

    Мерки се преземаат и од страна на монетарната власт, така што минататa недела беше објавена и новата одлука за затегнување на монетарната политика со зголемување на каматната стапка на благајничките записи за нови дополнителни 0,50 процентни поени, со што стапката достигна 4,75 %.

    Лектор: Христина Ангелеска

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично