ПОВЕЌЕ

    ДИМОВСКИ И ЃОРГОВ, ТРИГЛАВ ПЕНЗИСКО ДРУШТВО: Важноста на позадинските операции во успешното управување со пензиски фондови

    Време зa читање: 11 минути

    Арне и Цветанчо се млади и амбициозни финансиски експерти, како дел од исто така младиот и посветен тим во Триглав пензиско друштво АД Скопје. Тоа се луѓето на коишто бројките и анализите им се пасија. Со нив, разговаравме за повеќе прашања во делокругот на нивната експертиза и секторите со коишто управуваат во Друштвото, но и за генералните предизвици и тенденции на пазарот за капитално финансираното пензиско осигурување.

    Пари: Знаеме дека продажбата и инвестирањето на средствата се суштината на управувањето со пензиските заштеди на членовите. Дали може да ни доловите  што всушност претставуваат back office активностите во капитално финансираното пензиско осигурување?

    Димовски: Back office активностите во капитално финансирано пензиско осигурување се линк помеѓу деловите на продажба и на инвестирање. Сработеното од другите работни единици во рамките на Друштвото неминовно мора да се пренесе во овој Сектор за понатамошна финална обработка и процесирање. Крајниот резултат е приказ на структурата на членството, динамиката на уплатите, исходот од инвестирањето нормално прикажан преку бројки. За да се реализира сето ова, неопходно е воспоставување на контролен механизам на мерки за точно, навремено и транспарентно вреднување на средствата на отворен задолжителен / доброволен пензиски фонд врз основа на добиени официјални документирани податоци. Како регулаторна обврска која мора да се исполни, секојдневното, точното и навремено објавување на вредноста на сметководствената единица е во основа крајната оценка на остварениот резултат.

    Пари: Која е вашата улога во креирање на прудентните инвестициски политики како членови на Инвестицискиот совет на Триглав пензиско друштво АД? Дали станува збор за советодавна улога или имате директен инпут во креирање и реализирање на  инвестициските одлуки?

    Димовски: Секој член од Советот донесената одлука ја заснова на индивидуалната умешност, односно способност да ја креира големата слика, базирана на знаење и искуство. Како член на Инвестицискиот совет со право на глас, имам директен придонес во креирање на инвестициските одлуки. Можности има многу, но тука доаѓа до израз квалитетот, од сите останати, да се препознаат вистинските. Успешно поставена визија е најважен сегмент во постигнувањето на целта. Другата страна, советодавната улога, ја гледам во дадената можност како член на Советот да ги предочам влијанијата на предлог одлуките врз имотот на фондовите, од аспект на процес на вреднување на средствата и нивната финансиско сметководствена евиденција прикажана преку финансиските извештаи. При процесот на вреднување и проценка на фондовите, постојат индиректни моменти кои на прв поглед не се воочливи, а тие имаат влијание и корективно делуваат на крајниот резултат. Така што, важно е да се искористат и досегашните искуства во насока на детектирање на предностите и придобивките, но и слабостите како значаен инпут во креирањето и реализирањето на инвестициските одлуки.

    Ѓоргов: Како одговорно лице за управување со ризици и член со право на глас во Инвестицискиот совет имам директна улога во креирањето на инвестициските одлуки. Мојот придонес е од аспект на управувањето со преземените ризици и остварување на највисок можен принос во интерес на членовите со преземање на најниско ниво на ризик. Како и сè во животот, така и во инвестирањето, не може да се оствари принос или добивка без да биде преземено одредено ниво на ризик. За таа цел, во Друштвото е воспоставен сеопфатен систем за управување со ризици преку кој се мери изложеноста на секој тип на ризик и соодветно се реагира при нивно зголемување и надминување на поставените цели за апетит за ризик. Токму од следењето на показателите за ризици доаѓа и мојот придонес во креирањето на инвестициските одлуки во рамки на Инвестицискиот совет преку одржување на баланс помеѓу минималното ниво на ризик кое обезбедува конкурентен принос и одржување на вредноста на средствата на членовите. Тоа подразбира следење на тековните случувања на пазарите на капитал како и на макроекономската слика во светот и реагирање на потенцијалните ризици кои што може негативно да влијаат на работењето на фондовите.

    Пари: Соочени со турбулентните пазарни движење и неизвесност кои тие ја наметнуваат, се претпоставува дека имате суштинско влијание во насочување на инвестициските политики. Колкав беше предизвикот со кој се соочивте?

    Димовски: Суштинско влијание на Секторот, пред сè, е во соодветното навремено информирање на Управниот одбор и останатите работни единици на Друштвото за дневната вредност на фондовите, а тука пред се мислам на финалните податоци за структура на членството во делот на пасивата и портфолиото на фондовите во делот на активата преставени преку соодветните модели на вреднување. Конзистентниот, темелниот, стручниот и сеопфатен пристап и пренос на  информации се клучни за водење на понатамошните активности, до каде сме и што официјално е постигнато од сработеното.

    Ѓоргов: Изминатата година беше навистина турбулентна каде што имавме сплет на повеќе поединечни настани кои што се случуваат еднаш во генерација или навистина ретко, а уште поретко кога тие ќе се случат заедно во една година. Тоа го направи предизвикот навистина голем, бидејќи приоритетот беше ставен на одржување вредноста на средствата. Во година каде што имавме надолни ризици како највисока инфлација во последните 40 години во развиениот свет пропратена со одамна невидена реакција од монетарните власти, потенцијална рецесија како и воен конфликт кој што предизвика ефект во светски размери, беше навистина тешко да се квантифицира потенцијалниот ризик и ефектот од сите овие случувања. Во услови на вакви неизвесни околности и импликации во глобални рамки, моето влијание беше насочено кон соодветно информирање на Управниот одбор за сите случувања кои што можат да имаат негативен ефект врз средствата на членовите и предлози за нивно намалување.

    Пари: Ризиците продираат во сите аспекти на секојдневието и се предмет на проучување на голем број на научни дисциплини што упатува на нивниот мултидисциплинарен карактер и комплексноста за нивно менаџирање. Особено во доменот на капитално финансираното пензиско осигурување, бидејќи станува збор за одговорна улога. Колку анализата и надзорот имаат придонес во остварување на резултатите на Друштвото?

    Ѓоргов: Надзорот и анализата се составен дел од управувањето со ризиците во Друштвото па затоа имаат значаен ефект во насока на поддршка на инвестирањето за тоа како да се инвестираат средствата. Надзорот и анализата имаат за цел да бидат контролор и да го осигурат исходот на спроведувањето на одлуките за инвестирање, следење на квалитетот на финансиските инструменти каде што е инвестирано портфолиото на фондовите како и почитувањето на законската регулатива на Агенцијата за капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС.

    Димовски: Пред авторизирање на процесот на вреднување на имотот на фондовите, потребно е потврдување на точноста на сите податоци и тоа преку повеќе релевантни извори. Податоците  официјално се објавуваат на дневно ниво до крај на работниот ден. Секоја дополнителна корекција надвор од зададената временска рамка носи одреден ризик и лоша репутација.

    Пари: Согласно објавените резултати од страна на Агенцијата за супервизија и покрај сите предизвици, генерално може да се констатира дека Триглав пензиско друштво успеа да забележи одличен принос за своите членови на годишно ниво, што претставува и реален показател за квалитетното управување во средствата на членовите и исполнување на фудицијарната должност во управувањето. Друштвото започна со функционирање во 2019 година и за релативно кратко време се наметна како атрактивен избор и партнер од доверба во доменот на капитално финансирано пензиско осигурување. Може ли накратко да ни го доловите работењето во текот на минатата година?

    Димовски: Само еден податок – 2022 година и покрај сите  случувања, Триглав отворен задолжителен пензиски фонд – Скопје ја заврши со пораст на нето активата за 80%, додека Триглав отворен доброволен пензиски фонд – Скопје за 179% пораст во однос на 2021 година. Самите бројки за она што е сработено се доволен и конкретен показател за моменталната позиција на Друштвото. Тенденцијата е трендот да продолжи, да го зголемиме пазарното учество, но пред сè да ја потврдиме и зголемиме довербата кај поширокото членство.

    Ѓоргов: Една од целите на Триглав пензиско друштво е да понуди на пазарот пензиски фондови каде што ќе биде потенцирана стабилноста на заштедата и остварување на долгогодишен позитивен реален раст. И покрај сите исклучително неповолни случувања во текот на минатата година, Друштвото успеа да ја заврши годината со задоволителни резултати, имајќи во предвид дека големиот дел од берзите ја завршија годината со загуби. Овој резултат беше постигнат преку прудентно управување со средствата на членовите и преку активно реагирање на случувањата на светските берзи и настани и приспособување на портфолијата на фондовите преку намалување на преземениот ризик и фокусирање кон инвестиции кои што даваат подобар принос во околина на висока инфлација, слаб раст и зголемена волатилност на пазарите.

    Пари: Што ни носи оваа година и кои се вашите планови во новата година на личен и професионален план? Каде го гледате друштвото во 2023?

    Димовски: Визијата е најважниот сегмент во поставувањето на целите. За жал, во моментов живееме во крајно нестабилни времиња иницирани од глобалните гео-политички процеси. Таквата нестабилност креира одредена неизвесност за случувањата, но сметам дека енергијата на секој менаџер треба да биде насочена кон рационализација на сите ресурси кои му се на располагање. На професионален план еден голем предизвик е понатамошната автоматизацијата на процесите, со цел нивно унапредување и прилагодување кон новите времиња.

    Во рамки на капитално финансиско пензиско осигурување како комплексен систем кој сам по себе нуди едукација во други профили, ја гледам и можноста за личен развој. И покрај досегашното 17 годишно искуство во доменот на капитално финансиско пензиско осигурување, на личен план постои желба и потреба од едукација и доусовршување и насочување во нови профили кои ги нуди самиот систем.

    Посветеноста на големата слика, не само во професионален контекст туку и во приватниот живот, не води поблиску до она што го нарекуваме повисок квалитет на живот.

    Ѓоргов: Професионалниот план за 2023 година е да се продолжи со истото темпо како и во текот на претходната година, бидејќи во оваа година нè очекуваат исто толку предизвици како и претходната година во управувањето со ризиците. Надолните ризици сè уште постојат, иако дел од макроекономските показатели укажуваат на подобрување на сликата, сепак сè уште не се на некое комфорно ниво. Тоа значи дека сè уште нѝ претстои неизвесен период и будно следење на тековните случувања и изложеноста на нивото на ризици.

    На личен план, имам намера да продолжам со истражувањето и надоградување на знаењето во полето на инвестирањето преку комплетирањето на третото ниво од CFA стручната квалификација и преку тоа да ја добијам стручната квалификација Chartered Financial Analyst.

    Очекувам во текот на 2023 година Друштвото да го продолжи одличниот раст кој што го има на пазарот и да ја оправда репутацијата на сигурен и стабилен партнер пред членовите, а со тоа да биде препознаено кај останатите осигуреници во вториот и третиот пензиски столб. Верувам дека синергијата во тимот на Друштвото ќе продолжи и понатаму и со заедничката заложба на сите инволвирани страни ќе придонесеме за подобрување на пензискиот систем во РС Македонија.

     


    Триглав пензиско друштво АД Скопје е дел од Групација Триглав, една од најголемите осигурително-финансиски групации во ЈИ Европа. Со работа започна во 2019-та година и во неговиот фокус е грижата за интересите на членовите на фондовите со коишто управува преку постигнување што подобар инвестициски резултат.

    Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, mapas.mk

    Извор на податоци:

    Триглав пензиско друштво АД Скопје

    Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС  (mapas.mk)/ Статистика – Мапас | Мапас (mapas.mk)/ Принос – Мапас | Мапас (mapas.mk)

     

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично