Горан Марковски го предводи новиот состав на Надзорниот одбор на „Македонијатурист“. Заедно со разрешувањето на претходниот претседател Доне Таневски, тоа е првата одлука донесена од членовите на ова тело, именувани од акционерите на вонредното Собрание што се одржа во понеделникот. За промената, од компанијата известија преку Македонска берза.
Во наредните шест години, колку што е мандатот на избраните, со работата на Надзорниот одбор ќе раководи Марковски, кој во овој орган на управување влезе како независен член.
„Тоа беше одлука на акционерите. Идејата е во понатамошното работење на компанијата да се оптимизираат ресурсите, кои ги има многу во рамките на Македонијатурист. Да се искористат максимално капацитетите и да се постигнуваат резултати, кои ќе бидат во полза на акционерите и пошироко“, изјави Марковски за Пари.
Тој е главен извршен директор на КБ Инвест. На таа позиција е веќе 16 години. Воедно, е и овластен финансиски аналитичар. Магистер е по економски науки, со образование стекнато на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и на американскиот CFA Institute Charlottesville Virginia.
Има искуство во функционирањето на надзорните одбори. Како член придонесува или придонесувал во работењето на ова тело кај повеќе друштва, меѓу кои се „Гранит“, „Раде Кончар – Апаратна техника“, „ЕВН Македонија“, „Динерс клуб инернационал МАК“…
Марковски е предлог на „Чезакомерц“, заедно со Олга Попова, која исто така е именувана за член во Надзорниот одбор. А, Горазд Поповски и Сашко Бошков беа предложени од „Промедика“.
Разрешениот Доне Таневски останува во историјата на „Македонијатурист“, како човек чие име неколку децении беше синоним за хотелско-угостителската компанија. Имаше статус на најискусен бизнисмен во таа областа, иако многумина му забележуваа дека не вложил доволно во искористување на можностите што му биле дадени, особено со приватизацијата. Пред десетина години од „Форбс“ беше рангиран меѓу петмината најбогати Македонци. Од продажбата на акциите од „Македонијатурист“ заработи повеќе од 20 милиони евра.
М.А.