Европската Унија повторно ја отвора темата за дополнително оданочување на големите технолошки компании, но овојпат со поинаков пристап. Наместо класичен данок насочен само кон Apple, Google, Meta, Amazon и другите американски технолошки гиганти, Европската комисија разгледува поширока давачка за сите големи компании што работат во ЕУ. Целта е двојна: да се обезбедат нови приходи за европскиот буџет и истовремено да се избегне директен трговски судир со САД.
Најновата иницијатива се надоврзува на веќе предложениот Corporate Resource for Europe – CORE, кој е дел од планот за финансирање на буџетот на ЕУ за 2028–2034 година.
Според сегашниот предлог, CORE би важел за компании со годишен нето-приход над 100 милиони евра што работат и продаваат во Европската Унија. Би се однесувал и на компании од трети земји, доколку имаат постојана деловна единица во ЕУ.
Не станува збор за класичен процентуален данок на профит, туку за фиксна годишна давачка според приходовна категорија. Во првичниот модел компаниите со приход од 100 до 250 милиони евра би плаќале 100.000 евра годишно, оние меѓу 250 и 500 милиони – 250.000 евра, а компаниите со уште поголем промет би плаќале повисоки фиксни износи, до 750.000 евра.
Комисијата проценува дека CORE во сегашната форма би можел да носи околу 6,8 милијарди евра годишно во европскиот буџет.
Брисел сега разгледува како механизмот да се приспособи така што поголем дел од товарот да го понесат најголемите мултинационални компании, вклучително американските технолошки гиганти.
Financial Times и Reuters денес објавуваат дека Комисијата разгледува измени на CORE со кои би се избегнало формално воведување „digital services tax“, но во практика би се опфатиле компании како Apple, Alphabet/Google и Meta.
ЕВРОПСКИОТ БУЏЕТ ПОД ГОЛЕМ ПРИТИСОК
Европскиот буџет во следната финансиска рамка ќе биде под многу поголем притисок.
ЕУ треба да почне поинтензивно да го враќа заедничкиот долг земен преку NextGenerationEU, а истовремено сака повеќе средства за одбрана, технологија, индустриска политика, енергетска безбедност и конкурентност.
Комисијата предлага пет нови извори на сопствени приходи – меѓу нив ETS, CBAM, давачки поврзани со електронски отпад, тутунот и CORE. Заедно тие би требало да обезбедуваат приближно 58,5 милијарди евра годишно, според пресметките на Комисијата.
Идејата е дел од товарот да се префрли од националните буџети кон нови европски извори на приходи.
Франција е меѓу земјите кои најсилно се залагаат за поголемо оданочување на големите дигитални компании.
Париз поддржува и CORE и повторно го отвора прашањето за заеднички европски digital services tax, аргументирајќи дека најголемите технолошки компании генерираат огромни приходи на европскиот пазар, додека даночните приходи од нив не секогаш остануваат таму каде што се создава економската активност.
Франција веќе има сопствен национален дигитален данок, како и Италија, Шпанија и Австрија.
ТРАМП СЕ ЗАКАНУВА СО ЦАРИНИ
Но токму тие национални даноци се причина за силна реакција од САД. Американската администрација отворено се противи на даноците што, според неа, непропорционално ги погодуваат американските технолошки компании.
Претседателот Доналд Трамп годинава повторно предупреди дека САД не прифаќаат даноци кои ги „таргетираат американските компании“. Во април, зборувајќи за британскиот digital services tax, тој порача дека Вашингтон не сака кога странски влади оданочуваат компании кои ги смета за американски национални шампиони.
САД претходно користеа и трговски истраги според Section 301 против земји што воведоа дигитални даноци, со можност за возвратни царини, поради што Брисел е претпазлив во врска со следните чекори. Европскиот комесар за клима, даночна политика и чист раст Вопке Хукстра неодамна ги отфрли повиците веднаш да се воведе заеднички европски digital services tax и порача дека прво треба да се исцрпат глобалните решенија преку OECD.
ПРОТИВНИЦИ И ВО САМАТА УНИЈА
Најголемиот проблем за планот можеби не е Вашингтон, туку самата Европска Унија. За новите сопствени приходи на ЕУ е потребна едногласна поддршка од сите 27 земји членки, а во моментов такво единство нема.
Но, Германија веќе јасно кажа дека е отворена за нови европски извори на приходи, но не и за CORE. Во септември претставник на германското Министерство за надворешни работи изјави дека Берлин е против предложениот данок на големите компании и предупреди дека новите приходи не се „магично решение“ за финансирањето на идниот европски буџет.
Против предлогот се изјаснија и Данска и Холандија, а резерви имаат и други земји.
Една од најсериозните економски критики е начинот на кој е дизајниран CORE, односно давачката се пресметува според приходот, а не профитот.
Тоа значи дека две компании со ист промет можат да плаќаат ист износ, иако едната има огромна профитна маржа, а другата работи со минимален профит или дури со загуба.
Европскиот економски и социјален комитет предупредува дека механизмот може непропорционално да ги погоди компаниите од сектори со ниски маржи и дека практичното функционирање на системот сè уште не е доволно јасно.
И ММФ неодамна излезе со слична забелешка. Според неговата анализа, данок заснован на промет може да создаде нарушувања, особено кај компании со ниски маржи и долги европски производствени синџири.
Критиките доаѓаат и одвнатре. Европскиот Економски и социјален комитет исто така изрази силни резерви за CORE и предлага Комисијата повторно да разгледа вистински digital services tax, но со внимателна проценка на геополитичките последици.
ГОЛЕМИТЕ КОМПАНИИ МОЛЧАТ, ЗАСЕГА
Интересно е што за најновата верзија на предлогот сè уште нема официјални реакции од Apple, Google, Meta или поголемите технолошки здруженија, според Reuters.
Но нивната позиција кон европските дигитални даноци во минатото е добро позната: технолошката индустрија генерално предупредува дека дополнителните национални и европски давачки го зголемуваат трошокот за работење, создаваат двојно оданочување и можат да ги намалат инвестициите.
Во исто време, американските Big Tech компании значително го зголемија лобирањето во Брисел. Financial Times неодамна утврди дека Google, Apple и Amazon имаат повеќе средби со високи претставници на ЕУ од речиси која било голема европска корпорација.
Предложено е CORE да профункционира во рамките на буџетот за 2028–2034 година, а Комисијата сега разгледува како да го модифицира за да обезбеди поголем приход и истовремено да добие поддршка од земјите членки. Според првичниот план, новите сопствени приходи треба да почнат да се применуваат од 1 јануари 2028 година.
Но патот дотаму е тежок: потребна е едногласност во Советот, а во некои случаи и национална ратификација. Затоа клучната дилема за Брисел сега е како да создаде данок кој ќе донесе повеќе пари од најголемите мултинационални компании, ќе ги опфати американските Big Tech гиганти, но нема формално да изгледа како данок насочен против нив.
Аналитика








