ПОВЕЌЕ

    ЕСКАЛАЦИЈА НА ТРГОВСКАТА ВОЈНА: САД воведува енормни нови царини за Кина – дури 245%

    Време зa читање: 3 минути

    Трговската војна меѓу двете најголеми светски економии жестоко ескалира. САД објавија дека Кина сега се соочува со нова царина до 245 отсто поради тоа што се одмаздија за претходно наметнатите царини од страна на претседателот Доналд Трамп, се вели во соопштението на Белата куќа доцна во вторникот.

    Последната административна наредба на Белата куќа, објавена доцна вчера, започна истрага за националната безбедност за увоз на витални ресурси. Наредбата вклучуваше и објаснувања за реципрочните царини објавени на 2 април. „Кина сега се соочува со царина од 245 отсто за увоз во Соединетите држави како резултат на нејзините одмазднички акции“, соопшти Белата куќа.

    Ова е највисоката царинска стапка спомената досега, која беше наведена во документот штотуку објавен, заедно со извршната наредба потпишана од американскиот претседател Доналд Трамп. Таа наредба најави истрага за ризиците за националната безбедност на САД поради зависноста од увоз на преработени критични минерали и сродни производи.’

    На денешната прес-конференција портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лин Џијан беше прашан за тарифната стапка од 245 проценти. Тој одговори дека „треба да се контактира американската страна за конкретни бројки“, објави кинескиот државен Глобал Тајмс.

    Трамп претходно воведе основна царина од 10 отсто на увозот од сите земји, но привремено ги замрзна дополнителните „реципрочни“ царински стапки, кои требаше да се одредуваат поединечно по земјите во зависност од бариерите што ги поставуваат на американските производи.

    Единствената земја изземена од таа пауза е Кина, која сега се соочува со дополнителен бран царини. Администрацијата на Доналд Трамп претходно ги предупреди земјите да не возвраќаат на американските царини, велејќи дека оние кои ќе се воздржат од одмазда ќе бидат наградени во идните трговски разговори.

    Претходно, Кина им нареди на своите авиокомпании да ги прекинат сите идни испораки на авиони Боинг од американско производство како одговор на новите американски царини наметнати на кинески стоки од страна на претседателот Доналд Трамп.

    Како што објави Блумберг, а како што потврдија извори блиски до владата, покрај забраната за нови испораки, кинеската влада препорача и привремено запирање на набавката на авионска опрема и делови од американски компании, што дополнително го интензивира трговскиот конфликт меѓу двете земји.

    Кина е еден од најважните пазари за Боинг, кој испорача речиси една четвртина од своето производство во земјата дури во 2018 година. Акциите на Боинг паднаа за 4,6 отсто по објавувањето на веста.

    Овој потег на официјален Пекинг доаѓа откако претходно го суспендираше извозот на широк спектар на критични минерали и магнети, таканаречени rare earth minerals, нанесувајќи со тоа сериозен удар на повеќе индустриски гранки на производство во САД, кои ќе се одразат и на глобално ниво. Кина контролира 69% од глобалното ископување на ретки земји и неверојатни 85-90% рафинирање и преработка, сложена алхемија што ја комбинира сувата руда во материјали што го сочинуваат секојдневниот живот, бидејќи се употребуваат буквално секаде каде што има електроника – од електричната четка за заби, телефонот или компјутерот до вашиот електричен автомобил.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично