Македонската економија бележи стабилно закрепнување и континуиран раст, јавниот долг е под проекциите на претходната власт, а државата наместо за тековна потрошувачка се задолжува за инвестиции што треба да генерираат економски раст. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на отчетот за двегодишното работење на Министерството за финансии.
„Поминаа две години од управувањето со јавните финансии, две години во тешки економски услови, глобални неизвесности и огромни фискални предизвици. Но, и две години во кои направивме свесен избор – избор за дисциплина, за фискална одговорност и за долгорочни решенија, наместо краткорочен популизам. Во овие две години макроекономските резултати се повеќе од јасни: македонската економија во овој период бележи стабилно закрепнување и континуиран раст. Ако погледнеме наназад, ќе видиме дека во периодот од 2017 до 2023 година просечниот економски раст изнесуваше околу 1,8 проценти, а денес имаме значително повисока динамика – 3 проценти раст во 2024 година, 3,5 проценти во 2025 година и во 2026 година стабилна позитивна траекторија на економски раст“, рече министерката.
Таа посочи дека инфлацијата е значително намалена во споредба со кризниот период, а растот на платите повторно се претвора во реален раст на куповната моќ.
„Инфлацијата која во 2022 година достигна 14,2 проценти и сериозно влијаеше врз животниот стандард на граѓаните. Денес, и покрај продолжената глобална неизвесност, во мај изнесуваше 4,8 проценти. Тоа значи дека успеавме да ги амортизираме глобалните ценовни шокови и повторно да обезбедиме предвидлива економска средина. Но, уште поважно е што по долг период граѓаните повторно имаат реален раст на примањата“, нагласи Димитриеска-Кочоска.
Осврнувајќи се на јавниот долг, министерката рече дека тој во првиот квартал од годинава изнесува 58,9 проценти од БДП и дека Владата води поинаква политика во однос на задолжувањето.
„Јавниот долг на Македонија во првиот квартал од 2026 година изнесува 58,9 проценти од БДП, што е под нивото на проекциите од претходната влада. Тоа е суштинската разлика во начинот на кој ги водиме јавните финансии. Ние не создаваме дефицит за тековна потрошувачка, туку за инвестиции што ќе генерираат економски раст“, изјави министерката.
Според неа, во изминатите две години главниот акцент бил ставен на капиталните инвестиции во патната, железничката, енергетската, образовната и комуналната инфраструктура, како и во одбраната и безбедноста.
„Заврши времето кога капиталните инвестиции постоеја само на хартија“, порача Димитриеска-Кочоска.
Воедно, информираше дека преку поволни кредитни линии биле обезбедени околу 250 милиони евра за домашните компании за инвестиции, модернизација и отворање нови работни места, а дополнителни околу 250 милиони евра се насочени кон општините за реализација на локални инфраструктурни проекти.
Во отчетот беше посочено и дека Министерството работи на повеќе законски измени, меѓу кои нови решенија за ДДВ, данокот на добивка, персоналниот данок, царинското работење и воведувањето на системот OECD Pillar 2, со кој се применува глобален минимален данок од 15 проценти за големи мултинационални компании.
Димитриеска-Кочоска информираше дека во рамки нате Реформската агенда 2024–2027 Македонија досега исполнила осум од 22-те предвидени чекори, со што се обезбедени 142,1 милион евра од европскиот План за раст.
Таа истакна дека во изминатите две години биле сервисирани 4,4 милијарди евра обврски по јавниот долг, а до крајот на годинава доспеваат уште 983 милиони евра.
„Тоа се пари кои Министерството за финансии ги обезбеди во изминатите две години за да се отплатат стари долгови. Истовремено обезбедивме средства за зголемени капитални инвестиции, за редовна исплата на плати, пензии и социјални права, како и за поддршка на стопанството“, рече министерката.
Исто така, порача дека Владата ќе продолжи со фискална консолидација, дигитализација на јавните финансии, борба против сивата економија и политики насочени кон инвестиции и стабилен економски раст.
„Македонија е мала и отворена економија, но со навремени и таргетирани политики можеме да ги амортизираме кризите“, истакна Димитриеска-Кочоска.
Аналитика








