ПОВЕЌЕ

    Коцка ќе се фрла подалеку од училиштата, процент ќе добие и македонскиот филм

    Време зa читање: 3 минути

    Петстотини метри оддалеченост од училиштата, забрана за рекламирање со познати личности, електронски надзор на сите автомати, со три проценти од давачките ќе се финансира македонската кинематографија… Ова се клучните новини од новиот Закон за игрите на среќа и забавните игри, што го усвои Собранието. Средства од оваа дејност и понатаму ќе се издвојуваат  за Црвениот крст, за националните инвалидски организации и здруженијата што работат на спречување на семејното насилство.

    Казината, автомат-клубовите и објектите во кои се приредуваат електронски игри на среќа мора да бидат  на безбедно растојание од основните и средните училишта. Спортските обложувалници, сепак, нема автоматски да подлежат на клуч. Тие ќе можат да продолжат со работа, но во радиус од 500 метри нема да смеат да поставуваат видео-лотариски терминали и друга електронска опрема за игри на среќа. Целта е да се намали изложеноста на младите на коцкањето и неговото присуство во непосредна близина на образовните установи.

    Законот воведува и значително построги правила за рекламирањето. Се забрануваат агресивните светлечки реклами на фасадите и излозите, како и рекламните пораки што го претставуваат коцкањето како начин за брза заработка, финансиски успех или решение за личните проблеми.

    Истовремено, повеќе нема да биде дозволено во рекламните кампањи да се користат познати личности, ниту да се вршат промоции насочени кон деца и малолетници.

    Со законот се воведува електронски систем за контрола на сите автомати и видео-лотариски терминали. Секој апарат ќе мора да биде поврзан со системот на Управата зае јавни приходи, што ќе овозможи институциите во реално време да ја следат неговата локација и работење.

    Со ова државата очекува полесно откривање на нелегално поставенит автомати, спречување на прикривање приходи и поефикасен надзор врз целата индустрија.

    Исто така, се воведуваат и повисоки банкарски гаранции, построги услови за добивање лиценци, повисоки надоместоци за отворање нови објекти и пошироки можности за одземање лиценци при прекршување на законските одредби.

    Законот носи и нов начин на распределба на средствата што се собираат од игрите на среќа. Три проценти од давачките ќе се издвојуваат за Агенцијата за филм, со цел поддршка на домашната филмска продукција.

    Средства и натаму ќе добиваат националните инвалидски организации, здруженијата што работат на спречување на семејното насилство, како и Црвениот крст.

    Приредувачите на игри на среќа, кои бурно реагираа на новините, ќе мора да се прилагодат на законските одредби. Нивните предупредувања беа дека новите правила ќе предизвикаат сериозни економски последици – затворање на околу 800 уплатни места, губење на приближно 10.000 работни места и значително намалување на приходите во буџетот.

    Владата, пак, смета дека новите правила ќе обезбедат поголема заштита на младите, поефикасна борба против сивата економија и подобра контрола врз секторот. Колку овие мерки ќе дадат резултат ќе зависи од нивната доследна примена и од капацитетот на државата да ги реализира законските одредби.

    (Фото: Magnific)

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично