
Со ребалансот на буџетот се зголемуваат расходите за дополнителни 189 милиони евра и тоа отвора едно од клучните прашања — дали во кризна година државата требаше да троши повеќе или да крати. Половина од дополнителните расходи се за капитални инвестиции, а останатиот дел оди за различни трошоци, субвенции и трансфери. Во поткастот „Каде се парите? со Горан Теменугов“, министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска вели дека министерот за финансии не може да ја гледа само бројката за дефицитот.
Според неа, на другата страна се платите, земјоделците, социјалата, образованието и капиталните проекти. Таа тврди дека државата не може секогаш да одложува проекти како канализација, водовод, патишта и пречистителни станици само затоа што е криза. Со Ребалансот, буџетскито дефицит од 3,5% се зголеми на 4,1% од БДП.
„Сакате да зборуваме за водовод, канализација, пречистителни станици. Пречистителната станица Скопје е тука. Има ли цена човечкиот живот? Мислам, кога ги зборуваме работите треба да ги гледаме не само низ призмата на 3,5%. Е тоа беше и мојот став претходно. 3,5% и нема измрдување. А, на другата страна имаме живот, реалност и имаме одговорност кон граѓаните. Така што во некој момент ќе бидат расходите повисоки. Видете, можеби е криза, меѓутоа ние и во првиот квартал имаме одлична стапка на раст. “
Аналитика








