ПОВЕЌЕ

    Телефонот го заменува паричникот: Граѓаните сè повеќе плаќаат преку мобилните апликации

    Време зa читање: 3 минути

    Мобилниот телефон сè поубедливо го презема местото на паричникот. Граѓаните во Македонија сè почесто плаќаат преку мобилни апликации, а електронските плаќања бележат двоцифрен раст и по бројот на трансакции и по нивната вредност, покажуваат најновите податоци на Народната банка за првиот квартал од 2026 година.

    Во првите три месеци од годинава граѓаните извршиле за 10,3 насто повеќе платежни трансакции со платни налози отколку во истиот период лани, додека нивната вкупна вредност е зголемена за 14,6 насто, покажуваат податоците од платежната статистика на Народната банка.

    Уште поизразен е растот кај електронските плаќања. Бројот на трансакциите извршени по дигитален пат е повисок за 21,9 насто, а вредноста пораснала за 23 насто на годишно ниво.

    Најголемиот дел од овие плаќања веќе се вршат преку мобилен телефон. Дури 72,8 отсто од сите електронски платежни налози се иницирани преку мобилни апликации. Нивниот број е зголемен за 25,9 насто споредено со ланскиот прв квартал. Тоа, според Народната банка, потврдува дека мобилниот телефон станува најбрзиот и наједноставниот начин за извршување на плаќањата.

    Освен тоа, продолжува да расте и користењето на платежните картички. Во првото годинешно тримесечје бројот на плаќањата со картички е зголемен за 12,2 насто, а нивната вредност за 14,5 насто.

    Поголемото движење е забележано и кај онлајн купувањата. Бројноста на трансакциите е повисока за 18,7 насто, додека плаќањата на продажните места се зголемени за 11,7 насто.

    Дополнителен поттик за ваквите трендови даваат и новите дигитални решенија што ги воведуваат банките. Сè повеќе граѓани плаќаат со телефон, без воопшто да ја вадат физичката картичка од паричникот.

    Податоците покажуваат дека 17,9 отсто од сите платежни картички во земјата веќе се дигитализирани. Преку секоја од нив, во текот на првиот квартал, во просек се извршени четири плаќања со мобилен телефон во домашниот платен промет.

    Од Народната банка оценуваат дека овие показатели јасно потврдуваат дека дигитализацијата на платежните услуги продолжува со забрзано темпо. Електронските плаќања и мобилните решенија стануваат сè поважен дел од секојдневните финансиски навики на граѓаните.

    (Фото: Magnific)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично