ПОВЕЌЕ

    ,,ПАРИ” ЕКСКЛУЗИВНО: Макпетрол го продаде делот во ,,ГА-МА” на државата за 32,7 милиони евра

    Време зa читање: 2 минути

    Решен дводеценискиот спор меѓу нафтената компанија Макпетрол и државата за сопственоста над системот за пренос на природен гас АД ,,ГА-МА”.  Порталот Pari.com.mk ексклузивно дознава дека денеска е извршена продажбата на акциите на Макпетрол што компанијата ги поседува во гасоводното претпријатие.

    Според нашите информации државата за акциите на нафтената компанија платила над 2 милијарди денари или околу 32,7 милиони евра. Со ова АД ,,ГА-МА” е целосно државна компанија со што се отвара патот за што побрза гасификација на земјава.

    Инаку, по околу 32 милиони евра поседуваат и „Макпетрол“ и Владата во АД „ГА-МА“, кое управува со системот за пренос на природен гас. Претходно со законско решение беше предвидено спорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и „Макпетрол“ АД Скопје, да се реши по пат на спогодба во која „Макпетрол“ својот дел од 32 милиони евра ќе ѝ го продаде на Владата.

    Макпетрол АД Скопје поседува и фирма за снабдување со природен гас, што е во спротивност со одредбите од Законот за енергетика кои се однесуваат на сопственичкото раздвојување.

    ,,За Република Северна Македонија од особено значење е да се задржи сопственоста врз преносниот систем со природен гас и токму поради тоа во член 110 од Законот за енергетика е пропишано дека сопственик на операторот на пренос со природен гас е Министерство за економија, а истовремено преку државната компанија МЕР АД Скопје во тек е изградба на магистралниот гасовод низ целата држава и во иднина по изградба на целосната мрежа, за непречено функционирање, потребно е овој гасовод што го гради МЕР АД Скопје, да се спои со системот на природен гас со кој сега управува ГА-МА АД Скопје“, стоеше во законското решение.

    Макпетрол и Владата долги години водат судски спорови околу утврдување на сопственичката структура.

    „Со Законот се уредува решавањето на спорот, се решаваат несогласувањата помеѓу страните и тој води кон целосно окончување на постапките кои произлегле од ваквиот спор и дава можност за мирно надминување на несогласувањата и завршување на сите започнати постапки“, пишува во законското образложение.

    Редакција Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично