ПОВЕЌЕ

    ЕК за македонската економија: Домашната побарувачка ќе го засили растот, годинава два, во 2024 – 3,1 насто

    Време зa читање: 3 минути

    Раст од два проценти годинава, а идната 2024 – 3,1 насто, се прогнозите на Европската комисија за движењата на македонската економија.

    Во делот за државата, во рамките на пролетната економска прогноза, е наведено дека по делумното закрепнување од рецесијата предизвикана од Ковид-пандемијата, годишниот раст на БДП забави од 3,9 проценти во 2021 на 2,1 процент во 2022 година.

    Врз македонската економија се одразиле намалената надворешна побарувачка, прекините во глобалните синџири на снабдување и растот на глобалните цени на храната и енергијата.

    „Додека пензиите и платите реално се намалија, пораснаа дознаките и приватната потрошувачка“, посочуваат од ЕК.

    „ПАРИ“ ОТКРИВА: Во Веро и Кит-го продавачите се најмалку платени

    Според извештајот, домашната потрошувачка, иако помала отколку во текот на минатата година, останува клучниот двигател на растот. Воедно, се предвидува дополнително зголемување на постојните инвестиции, со што растот во тој сегмент би останал стабилен.

    Негативните надворешни влијанија се очекува да се намалат, согласно со зголемената странска побарувачка и понискиот раст на увозот.

    Дефицитот на тековната сметка лани значително се зголемил поради наглиот раст на цените на енергијата и зависноста од увоз.

    Значителното зголемување во приватните трансфери и суфицитот во услужната дејност, потпомогнат од закрепнувањето на туризмот, делумно го компензирале влошувањето во трговијата со енергија.

    Проектираното намалување на дефицитот на сметката во текот на прогнозираниот период е главно поради значителното подобрување на трговскиот биланс, пониските цени на суровините, како и посилната надворешна побарувачка, поддржана од олеснувањето на притисоците во синџирите на снабдување.

    За инфлацијата се наведува дека стапката од 3,2 во 2021, лани се зголемила искачила на 14,2 проценти, во просек. Притоа, храната и енергијата сочинуваат речиси 60 проценти од домашната структура на индексот на потрошувачките цени, а растот на нивните цени најмногу влијаел врз вкупната инфлација, која во октомври достигна 19,8 проценти. Исто така, се сигнализира во извештајот, иако е забележан пад, базичната инфлација опстојува поради заостанатите прелевања од цените на енергијата, но се очекува да продолжи да се намалува.

    Идната година економскиот раст треба да се засили, најмногу поради домашната побарувачка. Се предвидува и постепено намалување на фискалниот дефицит. Како ризици за економскиот раст, од ЕК ги посочуваат пречките што се поставуваат пред владините планови за јавни инвестиции и даночната реформа.

    Од друга страна, процесот на пристапување на земјата во ЕУ е катализатор на развојот и за спроведување на структурните реформи и фискалната одржливост.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично