ПОВЕЌЕ

    Домашните компании не можат да најдат кадар: Расте цената на месарите, пекарите, исчезнуваат столарите

    Време зa читање: 4 минути

    Околу 60 проценти од компаниите не можат да најдат соодветна квалификувана работна сила, а само 2,5 отсто од возрасните вработени ги усовршуваат вештините.

    Најбарани се градежните, машинските и прехранбените техничари, но нема ни пекари, плочкари, фасадери, водоинсталатери… Паралелно со тоа, изумираат одделни занаети, како на пример столарскиот, затоа што процесите се автоматизираат, а тоа ја наметнува потребата од поинакви профили, беше посочено во Стопанската комора.

    Недостигот на кадри ја зголемува нивната цена, па месар има месечно примање од до 30 до 40 илјади денари, а добро платени се и водоинсталатерите, пекарите, работниците во градежништвото.

    „Околу 60 проценти од работодавачите имаат потреба од стручен кадар. На прашањето, зошто не можат да најдат работници, компаниите велат дека причината е во немањето стручни вештини кај кандидатите, немањето работно искуство или доволно пракса. Недостигот на соодветна работна сила не се случува само во одреден сектор, туку во повеќе. Секаде има недостиг на работна сила. Жално е и што многу од професиите полека исчезнуваат. Една од нив, која веќе не се прифаќа на пазарот на труд, е столарскиот занает. Тоа е така зашто пристапот за изработка на мебел е модифициран, а процесите се автоматизирани, па наместо столар се бара сосема нова квалификација – конфекционер или дизајнер на мебел, кој знае да работи со соодветни машини. Изумира и струката гипсер, зашто не може да најде работа. Според потребите на пазарот, лицето треба да е гипсер – монтер, со две занимања“, нагласи Наташа Јаневска од Стопанската комора.

    Недостигот на квалификувана работна сила е проблем и во ЕУ.

    „Над 77 отсто од компаниите во ЕУ изјавиле дека имаат проблем да најдат квалификуван кадар со потребните вештини. Во 2021 и 2022 година работодавачите се соочиле со недостиг на работна сила за 28 занимања во неколку сектори, а некои од проблематичните се градежништвото, здравството, инженерството, како и ИТ, што покажува дека има неусогласеност меѓу она што се бара и она што се нуди на пазарот на трудот. А, 40 проценти од возрасните и 33 отсто од вработените во ЕУ немаат основни дигитални вештини, што значи дека на секое лице од 10 возрасни и секое трето лице вработено во компаниите во ЕУ нема соодветни базични дигитални вештини. Кај нас, само 15 лица учествувале во обука за дигитални вештини, затоа што морале, за да работат на автоматизирани машини, односно за да не ја изгубат работат, но не учествувале на обуки за да ги унапредат вештините“, истакна Јаневска.

    Според „Евростат“, само 37 отсто од возрасните во ЕУ учествувале во процесот на обуки кои ги подигнуваат нивните вештини.

    „Кај нас оваа бројка е многу поразителна и изнесува 2,5 отсто“, наведе Јаневска, која смета дека кај нас менталитетот полека се менува, а тоа го потврдува и фактот што годинава две третини од учениците се запишале во стручните школи, а останатите во гимназиското и уметничкото образование. Таргетот сега треба да биде квалитетот на практичната обука и зголемувањето на часовите за пракса, учениците треба да го поминуваат поголемиот дел од времето во компаниите за да се запознаат конкретно со работниот процес.

    Јадранка Аризанковска од Комората информира дека Европската комисија ја прогласи 2023 како Европска година на вештини за да им помогне на компаниите, посебно на малите и средните претпријатија во изнаоѓање соодветни кадри, но и за да ја зголеми конкурентноста на работната сила. Во ЕУ се бараат и т.н. зелени вештини, а дигиталната и зелената транзиција дополнително ќе отвораат нови работни места, со нови квалификации. Во фокусот на ЕУ се и трансферзалните вештини. Целта е две третини од работните места до 2030 година да се однесуваат на добра комуникција, критичко размислување, одговорност, точност, лидерство, работа со податоци, преземања ризици. Овие нови вештини, како што велат од Комората, ќе бараат и пофлексибилни образование.

    ЕУ во рамки на Европската година на вештините усвои социјални цели за 2030 година. Ќе се бара 60 отсто од возрасните да можат да учествуваат во обуки, а за дигиталните вештини процентот ќе биде 80 за да се подигне стапката на вработеност кај најмалку 78 отсто од населението на возраст од 20 до 64 години. Европската комисија, посочуваат од СКСМ, го става фокусот и на преквалификација и доквалификација, затоа што доживотното учење е многу важно.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично