ПОВЕЌЕ

    Деспотовски: Во ТИРЗ има 18.000 работни места, за Буџетот прилив од минимум 75 милиони евра

    Време зa читање: 3 минути

    Се зголемува бројот на вработените во компаниите лоцирани во ТИРЗ, растат платите и во дежавниот Буџет ќе се слеат минимум 75 милиони евра по основ на придонеси, данок на добивка и персонален данок. Податоците ги презентираше директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, кој 2023 ја оцени како успешна година.

    „Оставаме успешна година зад нас. Посебно ме радува што двете основни цели кои си ги поставивме на почетокот на мојот мандат, а тоа се растот на работни места и растот на плати, ги остваруваме. Оваа година за првпат ја надминуваме бројката од 18.000 работни места. Тоа значи дека имаме здрав тренд на раст на бројот на работни места кој продолжува. Ова е раст од 11 проценти на работни места споредено со минатата година“, нагласи Деспотовски.

    Многу е важно, посочи, и тоа што е забележан значителен раст на бруто-платата во однос на минатогодишниот просек.

    „Прво, заклучно со податоците од ноември, бруто-платата во рамки на зоните го надмина износот од 60.000 денари и второ, расте со повеќе од 20 насто, што е за пет проценти подинамично во однос на растот на платите во националната економија“, истакна Деспотовски.

    Од компаниите во ТИРЗ во државната каса треба да се обезбеди прилив од минимум 75 милиони евра, покажале првичните анализи.

    „Тоа се 75 милиони евра кои во следната година ќе се наменат за образованието, здравството. Само за споредба, пред шест години имавме годишни уплати во Буџетот кои не надминуваа 10 милиони евра. Така, сето ова е резултат и на зголемениот квалитет на работење на самите компании. Исто так,а годинава имаме и раст на нето-извозот, кој ќе надмине 20 проценти, односно зборуваме за над 650 до 700 милиони евра кои остануваат во државата“, рече директорот на ТИРЗ.

    Исто така, тој посочи дека само годинава во ТИРЗ се постигнати договори со вкупен обем од над 450 милиони евра кои отвораат 7.000 нови работни места, од кои дел веќе се реализираат. Притоа, најави и нови програми кои ќе се однесуваат на домашните компании, но и новини во привлекувањето и поддршката на инвестиции.

    Воедно, Деспотовски укажа и на неодамна промовираната иницијатива која ќе се одвива во соработка со Стопанската комора – „Иднината почнува дома“. На тој начин ќе се создаде платформа преку која младите ќе се мотивираат да останат во земјава, тука да ги градат кариерите и да имаат добро платени работни места.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично