ПОВЕЌЕ

    ДЕСЕТ НАЈГОЛЕМИ РАБОТОДАВАЧИ: НАТПРОСЕЧНИ ПЛАТИ КАЈ ДВАЈЦА, потпросечни кај осуммина

    Време зa читање: 2 минути

    Пари анализира: Колку пари одат кај работниците, колку задржуваат газдите?

    Кај десетте најголеми работодавачи во 2021 година, работеле 25.647 работници. Заедно, тие направиле приход од околу 1,1 милијарди евра, што е околу 10 проценти од целиот бруто-домашен производ. Во просек, ова значи дека секој работник е одговорен за создавање на годишен приход од 42.890 евра, или месечен од 3.574 евра (218.140 денари). Сите компании во кои работат, минатата година ја завршиле со добивка, а вкупниот износ на добивката е 58,8 милиони евра, или секој работник, во просек, креирал добивка од 2.292 евра годишно, или по 191 евра месечно (11.746 денари). Просечната нето-плата во овие десет компании заедно била 24.950 денари. Бројките доведуваат до интересен заклучок: нето-добивката креирана од секој поединец е речиси половина од вредноста на просечната плата.

    Порталот Пари, во соработка со платформата БизнисМрежа.мк, дава одговор на прашањето какви се просечните нето-плати во секоја од фирмите – најголеми работодавачи, и дали тие се соодветни на добивките.

    Еве што покажуваат податоците:

    ТОП 10 работодавачи – добивки и просечни плати

    КомпанијаПросечна нето-плата (во денари)Добивка (во евра)Број на вработени во 2021 год.
    ДРЕКСЛМАЈЕР МАНУФАКТУРИНГ МАКЕДОНИЈА ‒ Кавадарци20.2642.700.000 5.626
    КРОМБЕРГ & ШУБЕРТ МАКЕДОНИЈА БТ ДООЕЛ ‒ Битола24.693 2.500.0005.368
    АМФЕНОЛ ТЕХНОЛОЏИ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ ‒ Кочани21.788 4.400.000 2.185
    НИКОБ ДОО експорт-импорт ‒ Скопје17.4012.100.0001.997
    ГЕНТЕРМ СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ увоз-извоз Прилеп22.789318.0001.996
    МАКПЕТРОЛ ‒ Скопје33.65922.300.0001.870
    АЛКАЛОИД АД ‒ Скопје46.53720.800.0001.860
    АДИЕНТ СЕАТИНГ ДООЕЛ ‒ Штип20.452 469.000 1.853
    ТИНЕКС-МТ ДООЕЛ експорт-импорт ‒ Скопје22.471 2.600.000 1.480
    АДИЕНТ АУТОМОТИВЕ ДООЕЛ ‒ Струмица 19.461 675.000 1.412

    АЛКАЛОИД СО НАЈГОЛЕМА ПРОСЕЧНА НЕТО-ПЛАТА

    Минатата година просечната нето-плата во државата била 28.718 денари. Над овој просек единствено биле Алкалоид и Макпетрол. Всушност, тие биле значително над просекот. Така, просечната нето-плата во Алкалоид била 46.537 денари, а во Макпетрол 33.659 денари. Во овие две компании има и најголеми профити. Во Алкалоид профитот е 20,8 милиони евра и таму работат 1.860 вработени. Во Макпетрол профитот е 22,3 милиони евра, а има 1.870 вработени.

    Според рангирањето, Макпетрол е шестиот најголем работодавач во земјава, додека Алкалоид е седми.

    КАЈ НАЈГОЛЕМИОТ РАБОТОДАВАЧ 30 НАСТО ПОД ПРОСЕКОТ

    Најголем работодавач, како што веќе пишуваше Пари, е Дрекслмајер. Компанијата има вработено 5.626 работници, а ланскиот просек бил околу 30 насто помал од минатогодишната просечна нето-плата. Имено, ланската просечна нето-плата во Дрекслмајер била 20.264 денари, а во државата 28.718 денари.

    Какво е рангирањето на десетте најголеми работодавачи во однос на просечните нето-плати може да се види од следнава табела:

    КомпанијаНето-плати по вработен 2021
    АЛКАЛОИД АД ‒ Скопје46.537
    МАКПЕТРОЛ АД ‒ Скопје33.659
    КРОМБЕРГ & ШУБЕРТ МАКЕДОНИЈА БТ ДООЕЛ ‒ Битола24.693
    ГЕНТЕРМ СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ ‒ Прилеп 22.789
    ТИНЕКС-МТ ДООЕЛ ‒ Скопје22.471
    АМФЕНОЛ ТЕХНОЛОЏИ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ ‒ Кочани21.778
    АДИЕНТ СЕАТИНГ ДООЕЛ ‒ Штип20.452
    ДММ ДРЕКСЛМАЈЕР МАНУФАКТУРИНГ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ увоз-извоз ‒ Кавадарци20.264
    АДИЕНТ АУТОМОТИВЕ ДООЕЛ ‒ Струмица19.461
    НИКОБ ДОО експорт-импорт ‒ Скопје17.401

    Лектор: Христина Ангелеска

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично