Повлекување на Германија од еврото и Шенген зоната, затворање на националните граници и построги миграциски политики доколку влезе во федералната влада, најави копретседателката на Алтернатива за Германија (AfD), Алис Вајдел, нарекувајќи ги овие чекори – „Дегзит“, односно алузија на Брегзит, кој ја изведе Велика Британија надвор од Европската Унија во 2016 година.
Во летното интервју на ZDF, Вајдел рече дека „Германија беше значително подобра пред воведувањето на еврото“, тврдејќи дека валутата ја ослабнала економијата на Германија и го намалила богатството на домаќинствата.
За миграцијата, таа рече: „Ќе ги затвориме и ќе го напуштиме Шенген“, осврнувајќи се на границите на Германија. Таа, исто така, повика на повеќе депортации и помалку натурализации, вклучително и враќање на Сиријците чиј статус на заштита завршил.
Вајдел ја критикуваше партијата Христијанско-демократска унија (CDU) на канцеларот Фридрих Мерц и Социјалдемократската партија (SPD) на министерот за финансии Ларс Клингбеил, додека го осуди одбивањето на CDU да соработува со AfD. „Ќе управуваме во првите федерални држави“, рече таа. „И ќе управуваме и на федерално ниво“.
АфД има поддршка од над 40% во Саксонија-Анхалт пред покраинските избори на 6 септември и 27% на национално ниво, според истражувачкиот институт „Форшунгсгруппе Вален“, во споредба со 22% за ЦДУ.
Вајдел, исто така, го потврди противењето на АфД на планираната забрана за мотори со внатрешно согорување и ги отфрли мерките насочени кон климатските промени предизвикани од човекот.
Oва не е нова позиција – може да се каже дека е во саната ДНК на десничарската AfD. Партијата долго време тврдеше дека ЕУ, а особено Еврозоната, ја става Германија во неповолна положба бидејќи таа плаќа најмногу за спасувачки програми и необезбедени кредити, и предложи да се намали изложеноста на Германија преку системот за порамнување TARGET2 на ЕЦБ пред целосно да се излезе од еврото и повторно да се воведе германската марка поддржана од злато. Партијата беше основана во 2013 година и доби подршка од значителен дел на германските гласачи токму на антиевро платформа, пред да се сврти кон имиграцијата како свое главно прашање.
АФД, меѓутоа, не инсистира на моментален едностран излез, туку условен. Вајдел изјави дека ќе се залага за референдум за „Дегзит“, по примерот на Брегзит, доколку партијата дојде на власт и не може да обезбеди реформи што ги ограничуваат овластувањата на „неизбраните“ институции на ЕУ како што е Европската комисија. Поновите анализи сугерираат одредено внатрешно омекнување на ова прашање: од 2026 година, во услови на анкети од 24–27% на национално ниво, АфД продолжува да се заканува со референдум за Дегзит доколку реформите не успеат, но понекогаш го префрла акцентот кон внатрешните реформи на ЕУ, наместо кон моменталниот излез, очигледно имајќи ги предвид економските лекции од Брегзит.
Вистинското излегување, меѓутоа, се соочува со огромни пречки дури и ако АфД дојде на власт: тоа би барало измени во договорите, веројатно референдум, а уставот на Германија го отежнува предизвикувањето плебисцити од овој обем – една анализа забележа дека победата на референдум за Дегзит, дури и ако ги исполнува строгите германски законски барања, би била тешка задача.
Elekes Andor – Own work, CC BY 4.0
Аналитика








