Алта Осигурување, друштвото кое неодамна доби нов сопственик и влезе во составот на регионалната Алта Групација, ќе го предводи Александар Аневски. Со неговото именување за извршен директор, компанијата ги заокружува подготовките за почеток на работењето под новиот бренд.
Аневски зад себе има повеќедецениско менаџерско искуство во осигурителниот, телекомуникацискиот, ИТ и индустрискиот сектор. Во изминатите години бил дел од раководните структури на неколку реномирани компании.
Пред да ја преземе функцијата во Алта Осигурување, Аневски од декември 2022 година бил директор за продажба во Граве Осигурување, каде што раководел со продажните активности во сегментите на животно и неживотно осигурување. Во тој период, според неговата професионална биографија, бруто-полисираната премија во сегментот на неживотно осигурување пораснала од пет милиони евра во 2022 година на 12 милиони евра во 2025 година.
Претходно, повеќе од седум години бил директор за продажба во Еуроинс Осигурување, каде што управувал со претпродажните, продажните и постпродажните процеси, како и со тим од околу 100 вработени. Во текот на неговиот ангажман, продажбата на компанијата речиси се удвоила, од 8,5 милиони евра во 2016 година на проценети 15 милиони евра во 2022 година.
Во Еуроинс бил и директор за маркетинг и комуникации, како и менаџер за развој на производи. Неговото професионално искуство опфаќа и раководни позиции во Триком МК, МЗТ Хепос, Македонски Телеком и Лотарија на Македонија.
Аневски е магистер по бизнис администрација (MBA) од Универзитетот во Лестер, Обединето Кралство, а дипломирал информатички науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Назначувањето на нов извршен директор доаѓа неколку месеци по промената на сопственичката структура на друштвото. Во март годинава ЗОИЛ Македонија АД Битола преку блок-трансакција на Македонска берза беше преземена за 1,7 милиони евра, при што новиот сопственик, српскиот бизнисмен кој ја предводи Алта Група, Давор Мацура, се стекна со 100 проценти од акционерскиот капитал.
Тој зафат е дел од пошироката стратегија на Алта Група за заокружување на финансискиот екосистем што веќе ги опфаќа банкарството, лизингот и платните услуги. Со влезот во осигурителниот сектор, групацијата има амбиција да понуди интегриран модел на финансиски услуги на едно место за граѓаните и компаниите во регионот.
Р.П.
Аналитика








