Повторно се зголемуваат малопродажните цени на нафтените деривати, дизелот ја надмина стотката. Регулаторна комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе одлука со која горивата во просек поскапуваат за 2,62 отсто во однос на цените утврдени на 17 август.
Најголемо зголемување има кај дизелот – 3,50 денари за литар, па утрешниот ден ќе го дочека со цена од 101,50 денари.
Бензините поскапуваат за 1,50 денар, со што еуросупер БС-95 ќе се продава по 93 денари, а Еуросупер БС-98 по 95 денари за литар.
За 2 денари ќе биде повисока цената на екстралесното масло за домаќинство. Литар ќе чини 100,50 денари. Цената на мазутот се зголемува за 1,850 денари за килограм, на 45,576 денари.
Како причина за новото поскапување се посочуваат повисоките референтни цени на нафтените деривати на светскиот пазар. Во однос на претходната пресметка, бензините поскапеле за просечно 3,795 насто, дизелот за 4,842 насто, екстралесното масло за 3,958 насто, а мазутот за 6,467 насто.
Во спротивна насока делувал курсот на денарот во однос на доларот, кој во периодот за кој се правела пресметката бил понизок за 0,534 отсто.
РКЕ нагласува дека станува збор за максимални цени, односно трговците можат да ги продаваат горива и поевтино од утврдените износи.
Аналитика








