ПОВЕЌЕ

    Има работа во косовските компании, но има и плата од само девет илјади денари!?

    Време зa читање: 5 минути

    Од трговија и угостителство, преку транспорт и рециклирање, до информатички сектор и специјализирани услуги ‒ косовскиот капитал има сè повидливо присуство на македонскиот пазар. Косовските газди со своите 276 компании овозможиле работа за 2.310 лица, што е за 3,77 насто повеќе отколку во претходната, 2024 година.

    Отворањето работни позиции, сепак, не е проследено со позначително зголемување на просечните плати. Просекот се поместил за 4 денари, односно за симболични 0,01 насто. Преклани просечната плата во компаниите со стонастотен косовски капитал изнесувала 24.736 денари, а лани 24.740 денари. Овој износ е за 361 денар повисок од важечката минимална плата за 2025 година.

    Но, има и изненадувања во бројките застапени во анализата на Пари, базирана на податоците од Бизнис Мрежа. На пример, има фирма каде што просекот на месечните примања е малку над девет илјади денари!

    Извор: Бизнис Мрежа

    СПАР СО 1.000 ВРАБОТЕНИ, ДРУГИТЕ БРОЈАТ СИТНО

    Најголемите косовски работодавачи вработуваат 1.660 лица. Во текот на минатата година се отворил простор за прием на 63 нови работници. Годишниот раст изнесува 3,94 насто.

    Освен најголемиот промет и највисоката добивка во косовската конкуренција на македонскиот пазар, СПАР Нортх Мацедониа е доминантен и со армијата од 1.000 вработени во 2025 година. Една година порано во таа компанија платата ја заработувале 966 лица, што претставува зголемување од 3,52 насто. Тука треба да се истакне дека само оваа компанија обезбедува речиси половина од сите работни места кај десетте најголеми работодавачи.

    Иако второрангиран, Кан Интернационал, операторот на KFC во Македонија, далеку заостанува со своите 176 вработени. Преклани биле 158, при што е забележан раст од 11,39 насто. Инаку, KAN SHPK го има правото да ја користи франшизата KFC за Косово и Македонија, а има ресторани во Скопје, Струмица, Тетово и Струга.

    При врвот од листата е и Блу Чип, попознат по брендот Комодита Хоум. Лани располагала со 125 вработени, еден помалку од 2024 година ( 0,79 %).

    Најголем процентуален раст меѓу десетте компании има Елкос Гроуп – од 65 на 80 вработени, односно 23,08 насто. Станува збор за компанија од групацијата на косовскиот бизнисмен Рамиз Келменди, која има околу 3.000 вработени во четири држави, дистрибуира повеќе од 90 меѓународни брендови и го развива малопродажниот синџир ЕТЦ.

    Падот на приходот и на добивката се одразил и кај вработеноста. Градителот на патишта Ескаватори-МК лани останал без седуммина вработени, а евидентираните 11,29 насто го означуваат најголемото намалување на оваа листа.

    На оваа листа има компании рангирани и според големината на приходот, односно на добивката. Всушност, само две меѓу нив се „нови“. Едната е Алби Фешн Ритејл, каде што бројот на вработени се зголемил од 30 на 34, или за 13,33 насто. Втората е Мекс Пошта и има ист број вработени – 34.

    Ви се верува дека нивните плати лани имале просек од 9.076 денари? Изгледа неверојатно, но вработените не само што работеле за тие пари, туку и прифатиле намалување од 52,83 насто (19.240 денари во 2024 година). За сликата да е појасна: во 2025 година Мекс пошта остварила приход од 415,4 илјади евра (+ 102,78 %) и добивка од 20,3 илјади евра.

    Највисоката просечна плата во ова друштво, од 37.742 денари, е во Ескаватори-МК. Пред зголемувањето од 5,19 насто била на нивото од 35.879 денари.

    Извор: Бизнис Мрежа

    САМО КОМЈУТЕРЏИИТЕ ИМААТ ПРОСЕК И ДО 3.000 ЕВРА

    Без оглед на потеклото на капиталот, таму каде што на тастатурите пишуваат програмери или, едноставно, фирмата има врска со информатичката индустрија, просечната плата не е во никаква врска со државниот просек. Така е и во случајот на компаниите со целосен косовски капитал.

    На прво место е Новус, друштвото од дејноста компјутерско програмирање, со просечна плата од 184.186 денари. Компанијата функционира со шестмина вработени, а платата е зголемена за 26,36 насто ‒ од 145.761 денар во 2024 година на 184.186 денари во 2025 година.

    Поекстремна е промената кај Интелегрити од Тетово. Кај просечната плата е забележан огромен скок од 15.375 денари (2024 година) на ланските 175.804 денари, што е раст од 1.043,44 насто. Но, и тука станува збор за само двајца вработени, што е особено важен елемент. Фирмата работи во областа на компјутерските консултантски дејности и управување со компјутерска опрема.

    На третото место е Виртус Ауто, со еден вработен што ја води трговијата со моторни возила за просечна плата од 71.198 денари. Овде има годишна промена од + 198,19 насто во однос на прекланските 23.877 денари.

    Меѓу компаниите со високи примања, но со поголем број работници се издвојува Екс Фис Македонија: ангажирани се 15 лица, а просечната плата е 66.457 денари. Во тој ред е и Рецкос-Транс, компанија за обработка и рециклирање на метали, со 14 вработени и просечни 62.260 денари (+ 35,75 %).

    Брико Македонија има петмина вработени. Просечната плата достигнала 53.519 денари, што е 44,52 насто повеќе од 2024 година. Тоа е највисок раст на платата меѓу компаниите од листата, секако, по погоре наведеното екстремно зголемување.

    Единствената фирма на листата во којашто платата се намалила ( 19,10 %), е Фура Дита. Работи со еден вработен, чијашто просечна плата лани изнесувала 48.137 денари.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    КОСОВСКИ БИЗНИСИ НА МАКЕДОНСКИОТ ПАЗАР ‒ СПАР доминира и по промет и по профит

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично