ПОВЕЌЕ

    Бојкотот тукушто почна порачуваат Хрватите: Ако можеме во недела без продавници, можеме и секој петок!

    Време зa читање: 3 минути

    „Не купуваат ништо, Хрватска е обединета“ е насловот на текстот со кој Дневик.хр ја опишува состојбата на теренот и решеноста на граѓаните преку бојкот да се спротивстават на неконтролираниот раст на цените, особена кај храната и горивата. Паркинзите пред маркетите од големите синџири се празни. Нема купувачи во маркетите, а на бензинските станици ретко се забележува по некое возило, пренесуваат тамошните медиуми. Фотографии со полни рафтови, но без купувачи споделуваат на социјалните мрежи жителите на повеќе хрватски градови, а нема луѓе ниту на зелените пазари. Што се случува во Хрватска денес, се гледа и од фотографиите на Zagorje International.hr 

    „Пристигнуваат извештаи за бојкотот од теренот! Утрово започна првиот потрошувачки бојкот. Низ целата наша земја потрошувачите го изразуваат својот став против огромните поскапувања и инфлацијата. Не купуваат ништо“, известуваат преку Фејсбук иницијаторите на бојкотот од платформата „Хало, инспекторе“.

    Нивната оценка е дека бојкотот ја обедини Хрватска и е „силна порака за оние кои досега не направија ништо за да ги активираат механизмите за намалување на инфлацијата и ценовното безумие“.

    „Да го слушнеме вашиот глас!“ и „Покренете се!“, порачуваат од „Хало, инспекторе“, чија иницијатива за бојкотот ја доби поддршката и од Европскиот центар за извонредност на потрошувачите (ECIP).

    Лекцијата треба да се повтори, децидни се Хрватите. „Ако можеме во недела без продавници, можеме и секој петок!“, реагираат граѓаните, на кои, според статусите на социјалнните мрежи, преку глава им е од цените, од поскапувањата и инфлацијата.

    Исто така, под ударот на критиките се трговците и економските аналитичари кои, според мислењето на граѓаните, не нудат решенија, туку само го оправдуваат поскапувањето.

     

    „Се жалат, плаќаат простор, транспорт, сметки, работници… Зошто да се грижиме за нивниот паричник, кога ним, очигледно, не им е гајле за нашиот паричник“, реагираат потрошувачите, лути и на аналитичарите кои секогаш имаат оправдувања за трговците. А, никогаш не објасниле зошто хрватските работници се помалку платени од другите во ЕУ, зошто цените се повисоки отколку во ЕУ и зошто цените не паднале кога владата ја намалила стапката на ДДВ.

    Притоа, како врв на безобразлукот се оценува наративот дека со бојкотот нема ништо да се смени, бидејќи пазарот е слободен, понудата и побарувачката ги одредуваат цените.

    „Години наназад тие (трговците) плачеа против укинувањето на недела како работен ден, а сега ќе треба да се соочат со пад на прометот. Граѓаните на Хрватска веќе не се овци“, коментираат граѓаните на социјалните мрежи.

    Бојкотот е само почеток, децидни се потрошувачите.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично