Блок-трансакцијата со речиси половина од акциите на ВФП Пензиско друштво и официјално ја потврди промената во сопственичката структура. На Македонската берза се истргувани 444.999 акции, односно 49,9999 отсто од капиталот на ВФП, во вредност од 27,4 милиони денари (околу 446 илјади евра). За секоја акција се платени по 61,63 денари.
Иако во берзанската објава не е наведен купувачот, претходните одлуки на регулаторите и информациите што ги објави Пари упатуваат дека станува збор за целосно заокружување на процесот за влезот на Еуролинк осигурување како нов косопственик на пензиското друштво.
Советот на експерти при МАПАС неодамна даде согласност за ова партнерство. Како што тогаш за Пари изјави членот на Советот на експерти, Дарко Саздовски, согласноста се однесува исклучиво на доброволното капитално финансирано пензиско осигурување, односно на третиот пензиски столб:
„Советот на експерти донесе согласност по поднесеното барање од ВФП Пензиско друштво – акциите ќе можат да бидат преземени од Еуролинк во однос од 49,9 проценти спрема 50 проценти плус една акција. Но, тоа се однесува само на доброволното пензиско осигурување, односно на третиот столб“.
Во иднина не е исклучена можноста ова друштво да побара влез и во задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување – во вториот пензиски столб, но од МАПАС тогаш посочија дека таква постапка засега не е започната:
„Вториот чекор би бил евентуално да достават барање и за вториот столб. Тоа би било предмет на нова постапка, при што стручните служби ќе треба детално да проверат дали се исполнети сите законски услови. Во моментов такво барање не постои“.
ВФП Пензиско друштво на пазарот е присутно од август 2023 година и работи само во областа на третиот пензиски столб.
Аналитика








