ПОВЕЌЕ

    Ангеловска-Бежоска на Конституенцата на ММФ и СБ: Поголемиот доход и квалитетот на живот во регионот ќе го намали иселувањето

    Време зa читање: 4 минути

    Дваесет проценти од лицата родени во регионот на Западен Балкан живеат во странство, со што се намалува потенцијалот за раст на економиите. Односно во моментов, секој петти граѓанин роден во регионот живее во странство, додека секој трети размислува да се исели. Носителите на политиките не можат да ја спречат емиграцијата целосно, но може да ги ублажат негативните последици. Ова е пораката на Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерката на Народната банка, која говореше на панел-дискусијата „Миграции, бегалци и општества“. Дискусијата е организирана како дел од состанокот на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и Светската банка, која се одржува во Црна Гора. На панелот говореа и министрите за финансии на Грузија и на Украина, заменик-министерот за финансии на Холандија и директорот во Светската банка, Хавиер Девиктор, а претседавач беше министерката за финансии на Молдавија.

    Човечкиот капитал е предуслов за постигнување одржлив и инклузивен економски раст, додека миграцијата е еден од факторите кои влијаат врз човечкиот капитал. Со намалувањето како на квантитетот, така и на квалитетот на работоспособното население, имајќи предвид дека една третина од емиграцијата во регионот е со високо образование, се намалува потенцијалот за раст на економиите и се забавува веќе ниската конвергенција на доходот ‒ доходот во регионот е само 40 отсто од европскиот доход“, посочи македонската гувернерка.

    Во своето излагање таа се осврна и на  бавната конвергенција на регионот на Западен Балкан кон ЕУ, што главно може да им се припише на структурните прашања, при што потенцијалот за раст на регионот во изминатите две децении се намали од пет на 2,5 проценти, што е поостар пад во однос нa ЕУ. Ова се должи на неповолните трендови кај сите двигатели на економскиот раст, вклучително и кај човечкиот капитал. Квантитетот кај човечкиот капитал опаѓа, како резултат на демографските фактори, но и емиграцијата. Како резултат на тоа, процентот на работноспособното население во регионот во изминатата дценија се намали од 70 на 65. Очекувањата, пак, на Светската банка се дека во следните две и пол децении ќе се намали на 60 проценти.

    Од аспект на квалитетот на човечкиот капитал, третина од работниците кои се иселуваат се високостручни кадри, што влијае неповолно како на сегашната состојба, така и на идните движења на пазарот на труд и уште повеќе ги нагласува постојните предизвици. Ова го покажува и индексот на човечкиот капитал на Светската банка, според кој и сега има голем јаз помеѓу земјите од регионот и напредните економии во ЕУ во овој домен. Севкупно, емиграцијата го забавува растот и развојот на регионот, за што зборуваат и некои анализи, според кои, доколку не постоел ефектот од емиграцијата, јазот на потенцијалот за раст во регионот би бил помал за два процентни поени во споредба со ЕУ.

    За да се намали емиграцијата се потребни структурни и институционални политики за да се зголемат доходот и квалитетот на животот во регионот, бидејќи тоа е еден од клучните фактори за миграцијата. Истовремено, треба да се зголеми искористеноста на човечкиот потенцијал што го имаме со зголемување на животниот век на населението кој заостанува зад европскиот просек, со зголемување на стапката на активност, особено на  жените и младите, како и со подобрување на квалитетот на работната сила преку политики за унапредување на образовниот процес. Од друга страна, унапредувањето на институциите, водењето соодветни економски политики и зајакнувањето на врските со дијаспората, може да имаат позитивни ефекти и да придонесат за враќање на дел од иселените лица, како и за привлекување нови работници од други региони.

    И покрај главно негативниот контекст на емиграцијата, таа носи и извесни придобивки, пред сѐ финансиски, имајќи ги предвид приливите на средства од дознаките од странство, кои во регионот изнесуваат 10, додека кај нас дури 15 отсто од БДП.

    На конституенцата учествува наша делегација предводена од гувернерката и министерот за финансии, Фатмир Бесими, како и вицегувернерката Ана Митреска.

    Инаку на маргините на состанокот на Конституенцата, нашата делегација оствари билатерални средби со  заменик-претседателката на Светската банка, Антонела Басани, регионалниот заменик-претседател во ИФЦ, Алфонсо Гарсија Мора, како и со директорот на Одделот за Европа во ММФ, Алфред Камер.

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично