Од добивката остварена минатата година, акционерите на „Тетекс“ ќе добијат дивиденда која ќе се пресметува по бруто 55,56 денари за акција. Ќе споделат вкупна сума од 351,2 илјади евра. А, членовите на Одборот на директори ќе добијат дополнителна награда од 89,4 илјади евра. Предлозите ќе станат одлуки по гласањето на акционерското Собрание закажано за 23 април.
Освен за дивиденда, од добивката која за 2024 година изнесува 69.254.439 денари, односно 1,1 милион евра, средства (56,3 илјади евра) се издвојуваат и за законските резерви на Друштвото. Нераспоредени остануваат 718,5 илјади евра.
Според предлог-одлуката што се однесува само за директорите, „се одобрува распределба на резервирани финансиски средства во бруто износ од 5.500.000 денари за доверени работи за членовите на Одборот на директори и раководниот тим на Тетекс АД Тетово“. Износите на дополнителната награда ќе се изврши во висина и износ „согласно предлог на комисијата за наградување“, при што предвид ќе се имаат „посебно доверените и реализирани задачи и проекти“.
Одборот на директори го сочинуваат Борислав Трповски – претседател, Бобан Гоговски – главен извршен директор, Павлинка Трповска – извршен директор, Стеван Томовски – неизвршен член, Звонимир Ристовски – неизвршен и независен член, Евгенија Трпкоска – неизвршен член и Душко Мишески – неизвршен и независен член.
Инаку, основачот и најголемиот акционер на ТТК банка, има издадено 414.171 обична акција: 407.899 со право на глас и 6.272 сопствени акции. Мнозински акционери се членовите од семејството Гоговски – Иванка (7,37%), Лоди (7,34%) и Бобан (7,10%).
Што се однесува до ефектите од минатогодишното работење, компанијата бележи пад кај приходите од продажбата, од 1,3 милиони евра (2023) на 822 илјади евра. Исто така, и останатите оперативни приходи кои изнесуваат 2,3 милиони евра се пониски (4,8 милиони евра во 2023). Повисока е само вкупната добивка од вложувањата, каде што се остварени 1,4 милиони евра, наспроти сумата од 2023 – 1,3 милиони евра.