Придавката „Северна“ на новите банкноти ќе ја чини Народната банка 2,2 милиони евра. Руското акционерско друштво „Гознак“ ќе ги изработува книжните пари од 100 апоени, a за услугата ќе наплати 400.000 евра. За банкнотите од 1.000 и 2.000 денари, се уште се бара најповолна понуда, откако првиот тендер беше поништен. Новиот рок, за кога е закажано јавно отворање на понудите истекува на 20 ти септември. За нивна изработка, Централанта банка ќе треба да плати нешто над 1,7 милиони евра.
На банкнотите наместо Народна банка на Република Македонија ќе треба да пишува Народна банка на Реублика Северна Македонија. Треба да бидат изработени за 10 месеци, што значи дека новите денари ќе бидат пуштени во оптек од средината на идната година.
Од Народната банка тврдат дека станува збор за редовна постапка која се должи на замената на застарени и искинати банкноти.
– Издавањето нови серии банкноти во апоени од 100, 1.000 и 2.000 денари беше планирано уште пред неколку години, врз основа на среднорочните анализи за количини што се потребни заради редовна замена на книжните и кованите пари од постојните изданија, кои ги изгубиле карактеристиките за соодветност за оптек, велат од Народната банка, од каде додаваат дека согласно Уставот, сега мора да стои променетото име на државата, односно Република Северна Македонија.
Во просек годишно банките како несоодветни за оптек на Народната банка и враќаат околу 8 милиони парчиња книжни и ковани пари од сите апоени и како такви се повлекуваат од употреба. Само физичките лица, односно граѓаните лани и доставиле 3,500 парчиња оштетени денари.
Извор: Сител ТВ