ПОВЕЌЕ

    Работењето на државни проекти му донесе загуба од 4 милиони евра на скопски Бетон

    Време зa читање: 4 минути

    Градежната компанија ДГ Бетон АД Скопје во периодот јануари-јуни 2021 година остварила вкупни консолидирани приходи во износ од 421,024 илјади денари, објави компанијата на Македонска берза.

    Од компанијата појаснуваат дека намалувањето на приходите е резултат за завршување на проектите од претходните години, како и завршување на подготовките за воведување во работа на нови проекти, од кои еден проект е во странство и кои треба да започнат со изведба во втората половина од годинава.

    Во првата половина од 2021 година (јануари-јуни) остварени се вкупни консолидирани расходи од 665.182 илјади денари и истите се на ниво од истиот период од претходната година.

    Вкупната загуба произлегува и од фирмите ќерки кои се во консолидација со ДГ Бетон АД Скопје (Бетон –про .Бетон Каменолом ,Бетон Рудник и Бетон Хотели )

    Вкупната загуба изнесува 244.158 илјади денари и е резултат на ниската реализација и зголемените трошоци на материјалите, посебно заради фактот што се завршуваа долгогодишни проекти за кои се вршени пресметки неколку години претходно и чии договори не дозволуваат корекција на вредностите, најчесто работејќи се за проекти чии инвеститори се државни институции. Сведоци сме на енормен раст на инпутите во градежништвото, како и недостиг на работна сила која дополнително придонесува кон зголемување на цените на влезните материјали и услуги.

    Друштвото и покрај тешките услови за работа и оперирање во економија која има намален раст, во периодот од 2020 и првата половина на 2021 година инвестираше во дополнителни основни средства, односно опрема и механизација, во вкупен износ од 146 милиони денари.

     Очекувања во престојниот период

    Влијанието на светската пандемија од Ковид 19 е сè уште присутно врз светската економија. Како што напоменавме, оваа криза имаше посебен ефект врз намалување на обемот на активности во македонската економија, трговијата, размената и движењето на луѓе и стоки, пореметување на оперативноста на одредени сектори и воопшто можноста за планирање на ресурси. Секторот градежништво во времето на пандемија продолжи да функционира, но во изменети и новонастанати околности во смисла на отежнети услови за работа, успорување на активностите при набавка и движење на работници, како и зголемување на цените на глобално ниво.

    Нашето очекување за престојниот период е дека пандемијата се уште ќе влијае негативно на непречено вршење на активностите во овој сектор, особено после септември 2021 кога се очекува и повторен бран на ширење на заразата. Флуктуациите на цените на влезните материјали и услуги и понатака ќе бидат значителни, со што е потребна и адаптација на начинот на работење и договарање во краток рок со цел реализација на планираниот профит и зачувување на вредноста на инвестицијата на нашите акционери.

    Нашата компанија во изминатиот период, работејќи исклучиво на државни проекти, немаше можност за брза адаптација на овие промени и падови на економијата, што е всушност рефлектирано во резултатите од првата половина од оваа година. Меѓутоа, следејќи ги движењата на националната, регионалната и глобалната економија, компанијата превзема драстични чекори за преориентирање на своите активности и фокусирање на проекти кои се изработуваат во странство, како и на проекти финансирани од приватни инвеститори во државата, со што се планира диверзификација на приходите и отворање на можности за понатамошен брз раст со кои ќе се компензираат загубите во овие први шест месеци од годинава.

    Во првата половина од оваа година нашата компанија веќе потпиша договор за изградба на приватен објект во Хрватска во износ од 8 милиони евра, со рок на изведба до 15 месеци, во кој бевме воведени во работа во јули, а се очекува потпишување на нови договори во Хрватска во износ од 8-10 милиони евра до крај на годината.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично