Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија на 114 тата седница со која претседаваше Претседателот на КХВ М-р Нора Алити донесе Решение со кое на СН ОСИГУРИТЕЛЕН БРОКЕР АД Битола му даде одобрение да издаде прва емисија на корпоративни обврзници по пат на јавна понуда. Станува збор за 8.000 долгорочни должнички хартии од вредност со вкупна продажна вредност од 80.000.000 денари, која е еднаква со номиналната вредност на емисијата.
Обврзниците ќе се понудат преку Македонската берза по моделот фиксна цена со давање приоритет на налози со порано време на внес на налогот. Оттука, поединечната продажна цена на обврзниците е фиксна и изнесува 10.000 денари.
Каматната стапка на долгорочните должнички хартии од вредност за целиот период е фиксна и ќе изнесува 6% на годишно ниво. Пресметката и исплатата ќе се врши еднаш годишно, сметано од денот на упис на обврзниците во Централниот депозитар за хартии од вредност.
Првата исплата на камата ќе започне по истекот на 12 месеци од денот на уписот, а ќе заврши по истекот на 5 години. Согласно Законот за хартии од вредност, менаџментот утврдил процентот на успешност на јавната понуда да изнесува над 60% од вкупната емисија.
Емисијата на обврзници на СН ОСИГУРИТЕЛЕН БРОКЕР АД Битола се врши заради подобрување на финансискиот потенцијал на Друштвото и остварување на планираните цели и стратегии за негов раст и развој.