Американците во март трошеле повеќе како резултат на владината финансиска помош за справување со последиците од пандемијата, што претставува добра основа за зголемување на потрошувачката и во вториот квартал, објави Ројтерс.
Податоците покажуваат дека потрошувачката во првиот квартал скокнала најмногу изминативе 14 години, поттикната од порастот на приходите.
Стимулативниот пакет од 1,9 трилиони долари на Белата куќа и подобрената ситуација со јавното здравје, исто така, ја зголемуваат потрошувачката.
Експертите велат дека иако државата не е целосно излезена од кризата, сепак, новите податоци укажуваат на почеток на економско заздравување
Потрошувачката на граѓаните, која претставува две третини од економската активност во САД, била зголемена за 4,2 отсто минатиот месец, по пад од 1,0 проценти во февруари, соопшти Одделот за трговија.
Економистите кои биле интервјуирани од Ројтерс предвиделе дека потрошувачката ќе се зголеми за 4,1 проценти.
Повеќето Американци со средни и ниски примања во САД добија еднократни чекови од 1.400 долари минатиот месец, кои беа дел од економскиот пакет за справување со последиците од пандемијата. Тоа ги зголемило личните приходи за 21,1 проценти, по пад од 7, 0 проценти во февруари.