ПОВЕЌЕ

    Избор

    Време зa читање: 5 минути

    Уште на времето, од факултетски денови, знаев да си направам сам маица со некоја слика или порака што ми се допаѓаше. Една порака што ја смислив тогаш и ја ставив на маицата, беше оваа гореспоменатата. Кога ме виде еден пријател, веднаш реагираше и негативно ми искоментира за слоганот и аргументираше, во релација на борба за човековите права, дека изборот е наше право, дека добро е да имаш избор и дека е добро тоа што ние имаме „слобода на избор”.

    Но, дали ние навистина имаме слобода на избор!? Дали некогаш сме имале или само мислиме дека имаме!?! Ова воопшто не го пишувам од аспект на „теории на заговор”, туку повеќе од психолошка, конзумеристичка перспектива.

    Дали некогаш сте се нашле на празен паркинг, и сте биле во ситуација кога не сте можеле или тешко ви било да донесете одлука каде да се паркирате!? Ако сте биле и вие во таква ситуација, не се грижете, „нормално” е да се чувствувате неодлучно. Велам нормално во наводници, бидејќи тој психолошки ефект е развиен најмногу во ова модерно време, во време на конзумеризам. Кога ни се дадени огромен број на опции за избор, во психологијата тоа се нарекува „парадокс на изборот” – колку повеќе опции имаме за избор, толку помалку сме задоволни со одлуката (Б. Шварц).

    Шварц, американски психолог, во својата книга „Парадокс на изборот – Зошто повеќе значи помалку” аргументира дека, ако се елиминираат изборите на купувачите, тоа значително ќе допринесе за намалување на нивната/нашата анксиозност.

    Ние од екс-ју генерацијата, знаеме понекогаш да се подбиваме за сметка на тоа, кога ќе видиш нешто полупразно (рафт, шкаф, трпеза…) да кажеме „ова како во ЦЕНТРО на времето”. Порано во маркет (ЦЕНТРО) знаеше да има на рафт само по 2 чоколади, 2 пасти, 1-2 млека итн. Имавме само 2-3 канали на ТВ и 2 радија, 3 типови на патики. Многу лесно ни беше да одбереме што ќе јадеме, пиеме, гледаме или слушаме.

    Денес, имаме премногу вида на вода, премногу чоколади, премногу автомобили, премногу столчиња, премногу облека, капи, маици, премногу момчиња, девојки, накит, часовници, велосипеди….од сè има премногу. Како ние да знаеме кој е најдобриот избор или како да се задоволиме со еден избор!?

    Б. Шварц во својата книга истакнува дека „слободата на избор” ги прави луѓето немоќни и фрустрирани, бидејќи бирајќи „еден” избор помеѓу многу опции, значи откажување од сите други можности. Во исто време, бидејќи луѓето може лесно да променат или заменат некој избор, апсолутната вредност на правење на избор, веќе не постои.

     

    Неколку работи што може да ги имате на ум, со цел полесно да ги правите изборите или помалку да се фрустрирате, при правење на некој избор:

    Дефинирање на цел – Што сакам!? Размислете што е тоа што го очекувате од тој избор, што сакате да добиете и зошто го правите тоа!

    Приоретизирање на целите – Бидејќи можно е да се случат да сакате повеќе работи одеднаш, одлучете која е најважната во тој момент за вас.

    Избор на опција –размислете што ќе ви донесе секоја од опциите. Првично, дали е во релација на вашата генерална цел, а потоа колкава е инвестицијата (пари, време, енергија, нерви итн.) доколку се одлучите за некоја опција.

    Функционалност/потреба – пред да го направите изборот, прашајте се „дали/колку ми треба!?”. Ако имате 10 пара слични чевли, колку 10-ов пар ви е потребен или само задоволувате некоја фрустрација, комплекс, болка, празнина, его итн.

    Намалете ги местата за споредба – често знаеме да споредуваме од повеќе места кога сакаме да купиме некоја работа. Наместо да одиме  во 10 продавници или да посетиме 10 Интернет страници, стеснете го кругот на 2-3 места.

    Буџет – дали се исплати понекогаш да заштедите 10 ден., а да изгубите 2 часа во пат возејќи од една продавница до друга.

    Донесување на одлука – кога ќе донесете некоја одлука и ќе го направите изборот, престанете да споредувате, гледате наоколу и прашувате дали сте направиле вистински избор. Јас кога ќе купам некоја кошула, веќе не влегувам во друга продавница да видам дали можеби имало нешто подобро, поевтино, поквалитетно итн.

    Дали сте среќни со тоа што го имате – на крајот на краиштата, најважно е дали вие се чувствувате убаво со тоа што го имате или сте го избрале. Ако да, тогаш баш ви е гајле за сите и сè друго.

    Во секој случај не заборавајте, “CHOICE IS A WEAPON OF MASS DESTRUCTION!”.

    Со успех во промените,

    Петар Лазаров

    „Tip of the Week“ се авторски текстови што се објавуваат на www.pari.com.mk во соработка со www.tipoftheweek.co обработуваат теми од секојдневниот живот коишто помогат да го подобрите вашето лично и професионално работење. Како сублимат на првите 100 совети издадени се единствените прирачници за личен и професионален развој:

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично