ПОВЕЌЕ

    АЛТА банка отвори шалтери во три града – исплата до 20.000 денари, зголемен и лимитот за картичките

    Време зa читање: 2 минути

    Клиентите на „АЛТА банка“ АД Битола од денеска можат да подигнуваат готовина на шалтерите во Битола, Тетово и Струмица. За граѓаните кои немаат платежни картички овозможена е исплата до 20.000 денари, додека неделниот лимит за подигање готовина и плаќање со картички се зголемува од досегашните 10.000 на 15.000 денари.

    По Битола, каде што шалтерите се во функција од 6 ноември, од денеска исплатата на средства е овозможена и во експозитурите во Тетово и Струмица.

    Според информациите од Народната банка, исплатите во сите три града се одвиваат непречено, согласно утврдениот распоред. Во Струмица, на почетокот на работниот ден, имало краткотрајно доцнење поради логистичка организација, но потоа исплатата продолжила според предвидената динамика.

    Исплатата на средствата ќе продолжи и во наредните денови, со цел клиентите постепено да добијат поголема можност за располагање со своите пари.

    Дополнително олеснување е зголемувањето на неделниот лимит за трансакции со платежните картички на Банката на 15.000 денари, наместо досегашните 10.000 денари. Новиот лимит се однесува на подигање готовина и плаќања на продажни места.

    Од Народната банка посочуваат дека континуирано ја следат состојбата во „АЛТА банка“ АД Битола и дека мерките се приспособуваат во зависност од развојот на настаните.

    Приоритет, како што нагласуваат, останува обезбедувањето непречено опслужување на граѓаните и заштитата на интересите на клиентите на Банката.

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично