![]()
Алгоритмите што постојано нудат нови содржини и ги задржуваат корисниците со часови пред екраните станаа причина за голема судска битка во САД. Гугл, Мета и ТикТок поднесоа одделни тужби против Калифорнија, барајќи да се спречи примената на законот со кој се ограничуваат функциите на социјалните мрежи што можат да создадат зависност кај децата.
Законот, кој треба да стапи во сила на 1 јануари 2027 година, забранува на корисниците помлади од 16 години да им се нудат персонализирани алгоритамски препораки, бескрајно скролање и автоматско пуштање видеа. Платформите ќе мора да ја проверуваат возраста на корисниците и да ги отстранат спорните функции или да ги избришат профилите на малолетниците. За непочитување на правилата се предвидени казни до 50.000 долари по засегнат корисник.
Технолошките гиганти тврдат дека законот ја нарушува слободата на изразување, гарантирана со американскиот Устав. Мета смета дека државата не може да одредува како ќе се организираат и прикажуваат објавите, Гугл предупредува дека ограничувањата може да го нарушат системот на Јутјуб за препорачување содржини соодветни за возраста, додека ТикТок инсистира дека одлуките за користење на платформите треба да останат во рацете на родителите.
Калифорниските власти најавуваат дека ќе го бранат законот, нагласувајќи ја потребата од заштита на децата од ризиците на дигиталната зависност. Сепак, критики има и од организации за дигитални права, кои предупредуваат дека проверката на возраста може да ја загрози приватноста.
Спорот има и сериозна економска димензија. Алгоритмите што го продолжуваат времето поминато на платформите се важен дел од нивниот рекламен бизнис. Затоа, исходот од судската битка би можел да влијае не само врз правилата за заштита на децата, туку и врз начинот на кој социјалните мрежи ќе функционираат во иднина.
Аналитика








