ПОВЕЌЕ

    Извозот го засили темпото: Суфицит со Германија, голем дефицит со Велика Британија и Кина

    Време зa читање: 4 минути

    Македонскиот извоз бележи солиден напредок во септември, а во првите девет месеци од годинава се движел со подобро темпо од увозот. Сепак, земјата и натаму има висок трговски дефицит. Според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, најмногу се тргувало со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија. Овие пет земји имаат учество од 49,7 отсто. Земјите членки на Европската Унија се со удел од 58,8 отсто. Државниот завод за статистика ги објави податоците за стоковна размена со странство, за перодот јануари – септември 2026 година.

    Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија во периодот јануари – септември е во износ од 408.167,8 милиони денари, односно 6,62 милијарди евра. Споредено со истиот период од минатата година, има раст од 10,8 насто.

    Истовремено, вредноста на увезената стока достигнала 566.113,5 милиони денари или 9,2 милијарди евра. Увозот го следи годишен раст од 7,94 насто.

    Септемвриските податоци, пак, покажуваат многу посилно забрзување на извозот. Вп текот на тој месец извозната активност е зголемена за 26,19 насто, а увозот нараснал за 7,3 насто. Конкретно, биле извезени стоки во вредност од 884,4 милиони евра, а увезени за 1,03 милијарди евра.

    И покрај поволните движења кај извозниот сегмент, во деветте месеци е акумулиран трговски дефицит од 2,56 милијарди евра. Покриеноста на увозот со извозот е 72,1 насто. Ако се гледа само септември, тогаш месечниот дефицит е 145 милиони евра, а покриеноста на увозот со извозот достигнала 85,9 насто.

    Трговската размена по производи според Стандардната меѓународна трговска класификација покажува дека во извозот најголемо е учеството на: катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи.

    Во увозот најмногу се застапени: нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), платината и легурите на платина, необработени или во прав, другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и други моторни возила за превоз на лица.

    Податоците по пошироки групи производи покажуваат дека најбрз раст на извозот има кај минералните горива, мазивата и сродните производи – 63,8%. Следуваат суровините што не се храна, без горива (+31,5%), пијалаците и тутунот (+28,2%), и хемиските и сродните производи со 18,2 насто. Извозот на хемиски производи достигнал 1,83 милијарди евра.

    Најголема извозна категорија и натаму се машините и транспортните уреди, со вредност од 1,95 милијарди евра, но кај нив годишниот раст е 1,6 насто.

    Кај увозот, машините и транспортните уреди имаат вредност од 2,14 милијарди евра и бележат благ пад од 0,1 отсто. Увозот на минерални горива е зголемен за 18,1 насто, на 1,13 милијарди евра.

    Германија и натаму е убедливо најголемиот извозен пазар за македонските производи. Во првите девет месеци таму се пласирани стоки во вредност од 2,23 милијарди евра (+1,3%). А од таму се увезени стоки за 819,8 милиони евра, или 3,4 отсто помалку од лани. Во размената со Германија, Македонија има суфицит од 1,41 милијарда евра.

    Од британскиот пазар, пак, земјава увезла стоки за 1,41 милијарда евра. За 38,2 насто повеќе на годишно ниво. Извозот е во износ од само 80,7 милиони евра (-2,5%). Трговскиот дефицит е 1,33 милијарди евра.

    На релацијата со Кина имаме голема нерамнотежа и дефицит од речиси милијарда евра, поточно 935,5 милиони евра. За девет месеци се увезени стоки за 970,2 милиони евра (+5,3%). А на кинескиот пазар стигнале македонки производи од само 34,7 милиони евра. Извозот е намален за годишни 14,2 отсто.

    Сепак, повеќе од двојно е зголемен извозот кон Полска, кој достигнал 265,4 милиони евра. Притоа се бележи зголемување од 108,4 насто во споредба со првите девет месеци од 2025 година. Увозот од Полска изнесува 287,2 милиони евра и е намален за 1,9 отсто. Вкупната размена со таа држава пораснала за 31,5 насто.

    Вкупната трговска размена со Грција е зголемена за 46,6%. Извозот е 281,9 милиони евра (+33,7%), а увозот се зголемил за 50,5 насто, на 1,05 милијарди евра.

    Подобра позиција имаме во трговијата со Бугарија. Македонскиот извоз е зголемен за 17,4 насто, на 395,6 милиони евра, а увозот е намален за 29,3 отсто, на 304,2 милиони евра. Тоа создава трговски суфицит од 91,4 милиони евра.

    Извозот кон Србија, исто така, бележи солиден раст од 17,6 насто, на 396,5 милиони евра. Увозот е зголемен за 2,9 насто, на 582 милиони евра.

    (Илустрација генерирана со вештачка интелигенција)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично