ПОВЕЌЕ

    БИТКА СО БРОЈКИ

    Време зa читање: 9 минути

    „Бију Срби, а бију и Турци“

    (Колумна со бројки инспирирана од кафеанска расправија кој е кој во македонската економија.)

    Растот на бруто-домашниот производ на секои три месеци е тема на политичка битка меѓу партиите во којашто докажуваат која партија водела добри, а која лоши економски политики.

    Бројките кажуваат многу, но мора да се стават и во контекст. Дали се остварени во време на криза или кога светската економија цутела? Дали се остварени со големи буџетски дефицити или можеби со суфицит? И дали, на крајот, тоа се мери преку намалување на сиромаштијата кај граѓаните?

    Освен добрата дебата во кафеана околу бројките, за политиките и за луѓето зад растот на БДП, дополнителен мотив за оваа колумна беше и изјавата на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски. Тој вели дека актуелната влада, во која министерка за финансии е Гордана Димитриеска-Кочоска, има осум квартали раст на економијата од 3 и над 3 насто.

    СТАВ НА ПРАТЕНИКОТ НА ВМРО-ДПМНЕ БОЈАН СТОЈАНОСКИ

    ИЗВОР: ВМРО-ДПМНЕ

    ОСУМ КВАРТАЛИ ‒ ШТО ПОКАЖУВААТ БРОЈКИТЕ?

    Дали е ова во целост точно? И дали ова никогаш не се случило во историјата на Република Македонија?

    Одговорот на првата дилема е дека пратеникот Стојаноски не е најпрецизен во изнесеното. Во серијата од осум квартали, според Државниот завод за статистика, сепак два се под 3 насто, односно по 2,9 насто. Блиску, но сепак непрецизно.

    Извор: ДЗС МАКСТАТ

    А што е со второто тврдење: „Дека ова никогаш не се случило во историјата на Република Македонија?“

    И ова не е баш најточно. Серијата на раст на БДП на оваа влада е добра, особено бидејќи се случува во време на кризи. Прво, ланската борба со инфлацијата, потоа годинашнава енергетска криза, предизвикана од нападот на САД и Израел врз Иран, блокирањето на Ормускиот Теснец, и големите штети врз петрохемиската индустрија на Блискиот Исток.

    КОЛКУ Е ИСТОРИСКА ОВАА СЕРИЈА?

    Ако погледнеме која влада од 2001 година заклучно со вториот квартал од 2026 имала најдобра серија на раст на БДП од над 3 насто, во минимум три последователни квартали, резултатите се интересни.

    Извор: ДЗС МАКСТАТ

    Од табелата се гледа дека владите на Мицкоски/Димитриеска-Кочоска и Хари Костов/Радмила Шекеринска, в.д./Владо Бучковски – Никола Поповски имаат серија од по пет последователни квартали на раст на БДП, со тоа што серијата на актуелната влада сè уште е отворена.

    Според просечниот раст во сериите од три последователни квартали, актуелната влада е седма по ред. Прво, со апсолутен рекорд, е времето кога министер за финансии беше Никола Поповски, а премиер Владо Бучковски. Веднаш зад него е периодот кога Трајко Славески беше министер, а Никола Груевски премиер.

    Важно е да се напомене дека историски најголемите квартални растови се остварени во време кога светската економија можеби беше најстабилна и со најголем раст во последниот еден век, односно во последните 100 години.

    МИНИСТРИТЕ И КВАРТАЛНИТЕ РЕКОРДИ

    А кој министер за финансии има најголем поединечен квартален раст?

    Извор: ДЗС МАКСТАТ
    *Од ранг-листата е изоставен 2021 Q2 со раст од 15,4 насто, поради ниската споредбена основа по падот од 15,4 насто во 2020 Q2, за време на ковид-кризата. Овој раст е под силно влијание на пандемискиот базен ефект и не е меродавен за споредба на рекордните квартални стапки.

    Од табелата се гледа дека најдобар резултат има Никола Поповски од СДСМ, а веднаш зад него и Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ, кој сега е актуелен гувернер, како и Зоран Ставрески од ВМРО-ДПМНЕ.

    Интересно е тоа што ниту една од партиите нема изразено водство, односно на листата ВМРО-ДПМНЕ е осумпати, а СДСМ седумпати.

    ШТО СТОИ ЗАД ВИСОКИОТ РАСТ?

    За мојава анализа, особено е важно појавувањето на Драган Тевдовски на листата. Неговиот пример нè води до факторите што сметам дека носат висок раст на БДП:

    • Стабилна и просперитетна светска економија. Тоа е алфа и омега на нашата економија и нашиот раст бидејќи ние сме мала и отворена економија и тоа околу 140 насто од БДП.
    • Идеолошко-политичката определба на власта гледана преку поделба левица/десница или СДСМ/ВМРО-ДПМНЕ не игра значајна улога дали ќе има голем економски раст. Освен кога има, ама не контра својот опозит, туку од еден друг аспект.
    • Тоа е дека високиот раст на БДП зависи од тоа дали во владата парот министер за финансии и премиер успеваат својата идеолошко-политичка определба да ја преточат во конкретни владини политики и тие да се спроведат.
    • Растот е голем кога цврстината на политиките не прави отстапки пред популистички мерки насочени кон додворување на гласачкото тело.

    Третата и четвртата точка најдобро се гледаат токму во случајот на Драган Тевдовски, министер за финансии во првата влада на премиерот Зоран Заев.

    Тевдовски важи за ортодоксен левичар, како и неговиот колега Никола Поповски. Значи, вистински социјалдемократ и еден од најтврдите идеолошки определени левичари што седеле некогаш во министерската фотелја. Тоа воопшто не пречеше да се обезбеди економски раст, по стабилизацијата што беше потребна по исклучително политички турбулентните години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, од 2014 до 2017 година.

    Парот Тевдовски и Заев почнаа да испорачуваат резултати, како што претходно испорачуваа Поповски и Бучковски, Славески и Груевски или Ставрески и Груевски. И тоа поради јасните идеолошко-политички определби и желбата и волјата тие да се спроведат.

    Секако, тоа падна во вода по смената на Тевдовски, кога владата на СДСМ почна да спроведува далеку попопулистички економски политики, напуштајќи ги реформите и редефинирањето на економијата.

    Бројките покажуваат дека и во сите останати периоди кога нема или се напушта јасната идеолошко-партиска матрица на цврсто спроведување на политиките, резултатите не се добри. Нема континуиран раст од минимум три квартали на БДП од над 3 насто.

    Извор: ДЗС МАКСТАТ

    РАСТОТ И ЦЕНАТА НА ЗАДОЛЖУВАЊЕТО

    Уште еден важен податок: најголемите стапки на економски раст се остварени во периоди кога сме имале ниски буџетски дефицити. Чудно, но така е. Владите не генерирале високи нови задолжувања, коишто надминувале 3 насто, но имале сериозни економски резултати.

    ИЗВОР: ДЗС; ММФ WEO; Министерство за финансии. *Прогноза за 2026 година

    ШТО ИМАМЕ ДЕНЕС?

    Немаме серија од осум последователни квартали со раст на економијата од над 3 насто. Немаме историски највисоки стапки на раст, бидејќи имало и повисоки и со иста должина на серијата.

    Но, имаме активна серија од пет последователни квартали. Ако бруто-домашниот производ во третиот квартал од оваа година биде над 3 насто, ќе ја имаме најдолгата серија со добри економски резултати.

    Имаме и идеолошко-политичка усогласеност меѓу Димитриеска-Кочоска и Мицкоски, што веројатно и ја овозможува оваа добра серија на раст над 3 насто.

    Трето, серијата укажува дека се испорачува тоа што е особено важно за бизнис-заедницата: стабилност, односно континуиран стабилен раст над 3 насто.

    Но, имаме и високи буџетски дефицити и криза.

    Пропуштивме да спроведеме фискална консолидација од 2021 до 2024 година, веднаш по ковид-кризата. Тоа ѝ остави на актуелната влада многу мал фискален простор за справување со кризи. Таа наследи и сериозни финансиски обврски за сервисирање, односно за враќање на големи и скапи долгови коишто го зголемија јавниот долг.

    РАСТОТ И ЖИВОТОТ НА ГРАЃАНИТЕ

    Затоа, отворено прашање е дали реално актуелната влада ќе опстои во намерата буџетскиот дефицит во 2027 година да го задржи на 3,5 насто од БДП, а притоа да го задржи трендот на намалување на сиромаштијата.

    Ова е клучното. Ние како граѓани се соочуваме со сериозни тешкотии во секојдневното живеење и сметаме дека стандардот ни паѓа. Сепак, податоците покажуваат дека економскиот раст придонесува за намалување на сиромаштијата, но исто така и за поправедна распределба на богатството.

    Извор: ДЗС Лаекенски индикатори; ДЗС историска серија.

    Затоа декември ќе биде важен месец. Ќе видиме дали серијата на раст на БДП останува над 3 насто, но и дали во 2025 година сиромаштијата се намалила, останала иста или се зголемила, како и тоа дали Џини-коефициентот успеал да се задржи под 30, како во 2024 година, или се влошил овој податок.

    ФИНАЛЕН ЗАКЛУЧОК

    Економијата се движи добро, а нејзиниот раст е во рамките на светскиот раст и, споредена со најдобрите години пред две децении, покажува ист тренд. Слабата страна останува повисокиот буџетски дефицит во однос на тие што биле пред 20 години.

    Но, ако и овде се испочитува планот во 2027 година буџетскиот дефицит да биде 3,5 од БДП, а растот над 3 насто, актуелната влада не би требало да се фали дека е историски најдобра, но слободно би можела да каже дека е целосно рамноправна во друштвото на најдобрите резултати. Тоа е сериозен успех.

    Извор: ДЗС МАКСТАТ; МФ јавен долг 2025 табела 7; МФ годишни податоци за долг.

    За крај, мислам дека одговорив на кафеанската дилема.

    Пишува: Горан Теменугов – новинар

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично