ПОВЕЌЕ

    Купувач се бара, а има и што да се купи: АЛТА банка со актива од 183 милиони евра

    Време зa читање: 5 минути

    Алта банка Битола повторно е пред промена на сопственоста, само една година откако српската Алта банка влезе во поранешната Стопанска банка Битола. Овојпат нов сопственик се бара во вонредни околности – по одземањето на дозволата за работа на белградската банка и воведувањето администрација во македонската банка.

    Гувернерот Трајко Славески изјави дека веќе постои интерес за преземање на банката и дека неофицијално се споменуваат четири до пет заинтересирани субјекти. Сопственикот од Србија треба да ги понуди акциите на продажба, а доколку тоа не го направи во оставениот рок, Народната банка најавува продажба преку аукција.

    Во зоната на шпекулациите, како интересент за купување на акциите повторно се споменува и Комерцијална банка. Најголемата домашна банка во 2024 година имаше таква намера и даде официјална понуда: 3.200 денари по акција и вкупно 20,3 милиони евра. Но, акционерите што ја прифатија не го обезбедија потребниот праг за успешно преземање.

    Уште тогаш се појави информација дека постои и друг кандидат, што подоцна се потврди со појавата на Алта банка Белград и понудата од 3.777 денари по акција, односно 22,8 милиони евра за целиот пакет. Што ѝ донесе тоа преземање на Банката и во каква состојба таа стигна до новата сопственичка крстосница?

    Славески, во последното телевизиско гостување, тврдеше дека поранешната Стопанска банка Битола била „на стаклени нозе“ и дека, ако српската Алта банка не влегла во нејзината сопственичка структура, Банката досега немало да постои. Тој воедно застана зад претходната одлука на Народната банка со која беше дозволено преземањето.

    Тоа е оценка на гувернерот, а финансиските извештаи даваат дополнителен контекст.

    Во времето кога Комерцијална банка имаше обид за преземање – во 2024 година, Стопанска банка Битола направи значаен пресврт. Излезе од минусот од 3,2 милиони евра забележан во 2023 година и во 2024 година оствари добивка пред оданочување од околу 3 милиони евра. За една година финансискиот резултат се подобрил за повеќе од шест милиони евра.

    Годината, пак, во која Стопанска банка Битола стана Алта банка Битола беше завршена со нето-добивка од 660 илјади евра, значително пониска од 2,65 милиони евра остварени во 2024 година. Тука треба да се напомене дека процесот на преземање беше заокружен во октомври 2025 година.

    Истовремено, на крајот од 2025 година стапката на адекватност на капиталот изнесувала 33,39 проценти, а ликвидната актива учествувала со 49,92 проценти во вкупната актива.

    Банката тогаш оценуваше дека високата капитализираност и ликвидност се основа за стабилно работење и за планираната трансформација под новиот сопственик.

    Од друга страна, дел од приходите веќе биле под притисок. Нето-приходите од камати биле намалени за 22,2 отсто, а нето-приходите од провизии и надоместоци за 33,17 отсто.

    Паралелно со тоа, се работело и на расчистување на кредитното портфолио и нефункционалните пласмани, што било еден од главните приоритети по преземањето.

    Најновите деветмесечни податоци покажуваат дека Алта банка Битола продолжила да го зголемува обемот на работа, но финансискиот резултат се влошил.

    Во периодот јануари–септември Банката остварила нето-загуба од 791 илјада евра, наспроти добивка од 799 илјади евра во истиот период минатата година. Резултатот бил и за 36,27 отсто послаб од планираниот.

    Од Банката и натаму го поврзуваат негативниот резултат со внимателното преземање кредитен ризик, расчистувањето и управувањето со нефункционалните пласмани, како и со зголемените вложувања во кадар и деловна инфраструктура.

    Во исто време, кредитната активност продолжила да расте. Нето-кредитите на клиентите достигнале 79,67 милиони евра, за 27,6 насто повеќе во однос на споредбениот лански период.

    Раст има и кај депозитите – на крајот од септември тие изнесувале 144,88 милиони евра, што е за 5,4 насто повеќе на годишно ниво.

    Сепак, приходната страна била под притисок. Нето-приходите од камати се намалиле за 8,07 отсто, на околу 4,10 милиони евра, а нето-приходите од провизии и надоместоци паднале за 29,07 отсто, на 568 илјади евра.

    И покрај загубата, Банката на 30 септември располагала со вкупна актива од 183,25 милиони евра и капитал и резерви од 32,20 милиони евра. Ликвидната актива учествувала со 43,91 проценти во вкупната актива, што Банката го оценува како високо ниво на ликвидност.

    Сопственикот, за кој гувернерот вели дека практично ја спасил банката од пропаст, сега мора да излезе од сопственичката структура, откако неговата матична банка во Србија остана без дозвола за работа.

    Народната банка на Алта банка Белград ѝ го одзеде правото на глас во македонската банка, додека сопственоста врз акциите формално останува до нивната продажба.

    Оттаму, следниот инвеститор нема да презема пропадната банка без деловна активност. Ќе преземе институција со солидна депозитна и кредитна.

    Меѓутоа, продажбата на Алта банка Битола е многу повеќе од обична промена на мнозинскиот акционер. За само една година Банката мина од преземање што требаше да отвори нов развоен циклус, преку раст на кредитите и депозитите, до нова потрага по сопственик. А токму финансиската состојба што сега ја утврдуваат администраторите ќе биде еден од клучните фактори за тоа кој ќе сака да ја купи банката – и по која цена.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично