
Тони Јанковски секојдневно размислува како еден бренд стар 76 години да остане чекор пред времето. Како директор за развој на производи и иновации во Diners Club Македонија, тој ги води дигиталните промени во компанијата. Сепак, секогаш се враќа на истиот заклучок: технологијата се менува, но луѓето се број еден. Затоа не изненадува што Diners застана како главен партнер зад првото издание на BIZBendovi во Скопје. Тоа е настан каде вработените од различни компании ги оставаат лаптопите и земаат гитари. Во интервју со Јанковски разговаравме зошто креативноста не е луксуз за еден тим, туку деловна предност. Го прашавме и дали следната година ќе го видиме на сцена.
ПАРИ: Зошто Diners Club одлучи да биде генерален спонзор токму на првото издание на BIZBendovi?
Јанковски: Затоа што првите се препознаваат. Diners е првата мултинаменска картичка во светот, па ни е природно да застанеме зад нешто што се случува за прв пат. BIZBendovi девет години успешно се одржува во Србија, а годинава за прв пат доаѓа во Скопје.
Но одлуката не беше само за видливост. BIZBendovi е настан каде компаниите не зборуваат за себе, туку се покажуваат преку своите луѓе. Тоа е ретка можност и сакавме да бидеме таму од првиот ден.
ПАРИ: Каде ја гледате врската меѓу креативноста и успехот на еден тим?
Јанковски: Во работата секогаш почнуваш со многу техникалии, процеси и бројки. Но на крајот, сè се сведува на луѓе. Дури и најдобрата дигитализација не значи ништо ако тимот не ја прифати и не ја спроведе.
Креативноста е тоа што го прави тимот подготвен за промени. Бендот е одлична метафора: секој има свој инструмент, но песната звучи добро само кога сите слушаат едни други и влегуваат во вистинскиот момент. Тоа е и рецептот за добар тим во канцеларија.
ПАРИ: Што добива компанијата кога вработените имаат простор за своите хобија и таленти надвор од работата?
Јанковски: Добива луѓе што доаѓаат на работа со енергија, а не со замор. Кога некој има место каде што е свој, каде што создава и се забавува, тоа го носи назад и во секојдневните задачи.
Добива и нешто што не може да се купи: колеги што се знаат и надвор од состаноците. Пробите за BIZBendovi се одлични за тоа. Луѓе што ретко се среќаваат на работа сега заедно го бараат вистинскиот тон. Тоа гради доверба, а довербата се гледа и во резултатите.
ПАРИ: Diners Club е првата мултинаменска картичка во светот. Колку креативност е потребна за еден бренд да остане релевантен повеќе од 75 години?
Јанковски: Многу, и тоа секој ден. Diners постои од 1950 година, а во Македонија повеќе 30 години. Еден таков бренд мора да се менува за да оди во чекор со пазарот, но не смее да го изгуби она што го прави посебен: традицијата и лојалноста на членовите.
За мене иновацијата не е бркање технологија заради самата технологија. Тоа е додавање вистинска вредност, од апликација во која сè ти е на едно место до искуства што ги паметиш. А креативноста е и да знаеш каде да бидеш. Затоа Diners е на концертите, во театарот и сега на BIZBendovi.
ПАРИ: Што очекувате од BIZBendovi следната година, и дали Diners до тогаш ќе има свој бенд?
Јанковски: Очекувам поголема сцена, повеќе компании и повеќе храбри колеги што ќе се осмелат да излезат пред публика. Ако првото издание успее, а сум сигурен дека ќе успее, BIZBendovi може да стане традиција во бизнис заедницата.
За бендот, веќе имаме добар почеток. Весна ќе настапи со колегите од Casys во The Cards и мислам дека по 26 октомври ќе се појават и други колеги со скриени таленти. Не ветувам ништо, но не би се изненадил ако следната година Diners излезе на сцена со свој состав. А кој знае, можеби следната година и јас ќе се најдам на сцена.
Аналитика








