
Како Македонија планира да ја зајакне енергетската независност, да обезбеди посигурно снабдување и да ги диверзифицира изворите на енергија? Овие прашања беа во фокусот на предавањето што министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска го одржа пред студентите на Виенската дипломатска академија, претставувајќи ги приоритетите и стратешките проекти во македонскиот енергетски сектор.
На средбата со идните дипломати, Божиновска говореше за предизвиците со кои се соочува земјата во обезбедувањето стабилен и одржлив енергетски систем, како и за плановите за модернизација на инфраструктурата и намалување на зависноста од ограничен број извори на снабдување.
Во отворената дискусија беше нагласена и поврзаноста на енергетските политики со економскиот развој и меѓународната соработка. Студентите имаа можност да поставуваат прашања за креирањето и спроведувањето на енергетските политики и за предизвиците што ги носи нивната реализација.
Предавањето се одржа во рамките на работната посета на министерката на Виена, каде што учествуваше во извршната програма за обука „Жени лидери – Југоисточна Европа и Црно Море/Јужен Кавказ 2026“.
Како дел од програмата, Божиновска учествуваше и на сесијата „Дигитална дипломатија“, посветена на улогата на дигиталните алатки во современите дипломатски односи и меѓународната комуникација.
Во текот на престојот во австриската престолнина, министерката оствари и средба во Сојузното министерство за европски и меѓународни работи на Австрија, посветена на продолжување на институционалниот дијалог и унапредување на билатералната соработка.
Аналитика








