Корекција од 3 насто следува за септемвриските пензии што ќе се исплатат на почетокот од октомври, потврди директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Никола Мемов. Процентот го носи законското усогласување што се пресметува според трошоците на живот и просечната плата. Со тоа, просекот на пензионерските примања ќе се зголеми за 841,5 денари, од сегашните 28.050 на 28.891,50 денари.
Конкретно, пресметките велат – кај просечната старосна пензија од 29.609 денари, зголемувањето изнесува 888,27 денари, па новиот износ би бил 30.497,27 денари. Семејната пензија од 23.410 денари се зголемува за 702,30 денари, на 24.112,30 денари, а инвалидската од 25.580 за 767,40 денари, на 26.347,40 денари.

Во паричникот на пензионерите тоа ќе се одрази со дополнителни – од 606 денари за примателите на пензија од 20.228 денари – до скоро 2.830 денари за највисоките пензии од 94.332 денари што ги имаат само осум лица.
Според статистиката на ПИОМ, во август пензија била исплатена на 349.334 корисници. Износи до 20.228 денари се префрлени на сметките од 26.585 лица (7,61%). Пензии до 23.945 денари имаат 129.480 пензионери (37,06%), а до 30.000 денари – 82.894 пензионери (23,73пиом%).
Нешто повеќе од еден процент од пензионерите, поточно 1,02 отсто, се со примања повисоки од 64.518 денари. Се работи за 3.559 корисници.
Дел од пензионерите со ниски пензии се противат на враќањето на процентуалното усогласување и бараат линеарниот модел да биде трајно законски регулиран. Тој модел се применуваше во изминатите две години, период во кој сите пензии се зголемија за 7.000 денари. Заговорниците на линеарката тврдат дека висината на платата и плаќаните придонеси во текот на работниот стаж завршува со денот на заминувањето во пензија. Оттаму и различните утврдени износи на пензиите, но потоа, велат, разлики не треба да има.
М.А.
Аналитика








