ПОВЕЌЕ

    ЕКСКЛУЗИВНО: Дали Алта банка ја купува Силк Роуд банка?

    Време зa читање: 4 минути

    По купувањето на Стопанска банка Битола, Алта банка со нов потег на македонскиот банкарски пазар

    Во банкарските кругови во Македонија се појави нова вест – дали српската Алта банка ја купува Силк Роуд банка?, дознава Pari.com.mk.

    Информацијата за можното преземање засега не е официјално потврдена од двете банки, па затоа прашањето останува отворено. Но, самата можност е особено интересна ако се стави во контекст на динамиката што во последните две години се случува во македонскиот банкарски сектор.

    Имено, Алта банка веќе направи голем чекор во Македонија, со преземањето на Стопанска банка Битола во 2025 година. Со тоа, Алта не влезе во Македонија како класичен нов играч кој од нула гради мрежа и клиентска база, туку избра аквизиција како стратегија за регионална експанзија.

    Алта банка АД Белград е дел од Алта груп, финансиска групација зад која стои српскиот бизнисмен Давор Мацура. Во рамките на групацијата функционираат Алта банка, Алта Пеј, Алта Лизинг и Алта менувачници.

    Самата Алта својата регионална стратегија ја опишува преку експанзија, технолошки развој, модерни банкарски решенија и иновации. По преземањето на Стопанска банка Битола, од групацијата беше најавуван фокус на дигитални решенија, достапност, корисничко искуство и постепена модернизација на работењето.

    Преземањето на Стопанска банка Битола беше завршено во октомври 2025 година, а во декември истата година банката и официјално го промени името во АЛТА Банка АД Битола.

    Затоа, доколку информациите за интерес кон Силк Роуд банка се потврдат, тоа би било продолжение на веќе воспоставениот модел.

    А каде се вклопува Силк Роуд?

    Силк Роуд Банка АД Скопје има сосема поинаква приказна. Банката е основана во 1993 година како Кредитна банка, во 2000 година станува Алфа банка, а од мај 2016 година работи под денешното име.

    Денес нејзин единствен акционер е Silk Road Capital AG од Швајцарија, со 100% сопственичко учество. Банката во своите извештаи се претставува како банка со 100% швајцарски капитал.

    Силк Роуд не е меѓу најголемите банки во земјата, но има воспоставена мрежа, клиентска база и универзална банкарска лиценца. Според податоците за 2025 година, нејзината актива изнесувала околу 12,2 милијарди денари, со пазарен удел од околу 1,31%.

    Интересно е што по големината на активата, Силк Роуд и Алта банка денес се практично соседи на македонскиот банкарски пазар.

    Токму ова ја прави потенцијалната комбинација интересна: доколку Алта би ја презела Силк Роуд, би се создала банка со значително поголема актива и посилна позиција на пазарот.

    Прашањето не е само дали една банка ќе купи друга. По влезот во Стопанска банка Битола, евентуалното преземање на уште една македонска банка би покажало дека Алта во Македонија не гледа само како на изолиран пазар, туку како дел од регионална стратегија за раст.

    А тоа е особено значајно затоа што македонскиот банкарски сектор веќе влегува во период на забрзана консолидација. Во последните две години се случија неколку значајни поместувања. Алта банка ја презеде Стопанска банка Битола, а овој месец Шпаркасе банка објави намера за преземање на Уни банка, трансакција која допрва треба да ги помине потребните регулаторни процедури.

    Со други зборови, македонскиот банкарски пазар веќе не е статичен. Странски банкарски групации купуваат постоечки банки, сопственичките структури се менуваат, а бројот на потенцијални големи играчи постепено се прераспределува.

    Во таков амбиент, прашањето Дали Алта банка ја купува Силк Роуд банка? не е само приказна за две банки. Тоа може да биде следниот тест за тоа колку брзо ќе продолжи консолидацијата на македонскиот банкарски сектор. И дали во банкарските стратегии се кројат и нови преземања во трката за освојување на дел од пазарот.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично