ПОВЕЌЕ

    ЕВРОПА СТАНУВА ПРЕСКАПА ЗА СВОЈАТА МЛАДИНА: Кога станот станува луксуз, половина од младите сè уште живеат со родителите

    Време зa читање: 7 минути

    За сè поголем број млади Европејци патот до сопствено живеалиште станува финансиски сè потешко достижен. Цените на становите растат побрзо од приходите, кириите одат нагоре, нови станови се градат недоволно, а младите што првпат влегуваат на пазарот на недвижности се наоѓаат во најнеповолна позиција.

    Размерите на проблемот веќе се такви што Европската Унија, иако домувањето традиционално е надлежност на државите и локалните власти, за првпат започна да гради заедничка европска политика за справување со станбената криза.

    Во последната деценија, од 2015 до третиот квартал од 2025 година, цените на домовите во ЕУ пораснале за речиси 65 проценти, а кириите за околу 22 проценти. Растот продолжи и годинава: во првиот квартал од 2026 година становите во ЕУ биле за уште 5,1 процент поскапи отколку една година претходно, а кириите за три проценти.

    Европската комисија предупредува дека цените на недвижностите веќе подолго време растат побрзо од приходите. Повисоките каматни стапки дополнително ја намалија достапноста на станбените кредити, додека кај изнајмувањето особено брзо растат цените на новите договори за закуп – токму оние што најмногу ги погодуваат младите што првпат се отселуваат од дома.

    ПОЛОВИНА ОД ЕВРОПСКАТА МЛАДИНА УШТЕ ЖИВЕЕ СО РОДИТЕЛИТЕ

    Можеби најсилниот показател за кризата не е квадратниот метар, туку возраста на која Европејците успеваат да започнат самостоен живот.

    Во 2024 година 49,1 процент од младите на возраст од 18 до 34 години во ЕУ живееле со барем еден од родителите или биле дел од домаќинство во кое го делеле семејниот приход. Европскиот парламент оценува дека растечките трошоци за домување ја продлабочуваат меѓугенерациската нееднаквост и ги принудуваат младите да ги одложуваат преселбата, бракот, основањето семејство или преселувањето во друг град поради работа.

    Просечниот млад Европеец во 2024 година го напуштил домот на родителите на 26,2 години. Но разликите меѓу земјите се огромни.

    Во Хрватска тоа се случува во просек на 31,3 години, во Словачка на 30,9, во Грција на 30,7, во Италија на 30,1, а во Шпанија на 30 години. На другата страна се Финска со 21,4 години, Данска со 21,7 и Шведска со 21,9 години.

    Но, раното отселување има цена.

    Во 2024 година 9,7 проценти од младите на возраст од 15 до 29 години во ЕУ живееле во домаќинства кои трошат најмалку 40 проценти од расположливиот приход за домување, наспроти 8,2 проценти кај целото население.

    Во Грција таков товар имаат дури 30,3 проценти од младите, а во Данска 28,9 проценти. Следуваат Холандија со 15,3 проценти, Германија со 14,8 и Шведска со 13,5 проценти.

    Истражување спроведено за Европската комисија со Politecnico di Milano покажува дека европските студенти во просек трошат речиси половина од својот буџет за домување.

    Европскиот парламент проценува дека во Унијата недостигаат околу 4,8 милиони места во студентско сместување. Само 38 проценти од студентите што живеат надвор од семејниот дом престојуваат во студентски објекти управувани од универзитети, јавни институции или акредитирани оператори.

    Последиците повеќе не се само прашање на животниот стандард.

    Високите кирии можат да определат кој универзитет млад човек може да го избере, дали може да прифати пракса во друг град, каде може да започне кариера и дали воопшто може да се пресели таму каде што има работа.

    Затоа Брисел станбената криза сè почесто ја гледа и како економски проблем – таа ја ограничува мобилноста на работната сила и им отежнува на компаниите да најдат работници во градовите каде што домувањето станало прескапо.

    КОИ СЕ ПРИЧИНИТЕ ЗА СТАНБЕНАТА КРИЗА ВО ЕВРОПА?

    Европската станбена криза одамна не е само приказна за тоа дали еден стан чини 200.000 или 300.000 евра.

    Таа почнува да определува кога младите ќе го напуштат домот на родителите, дали ќе студираат во друг град, каде ќе прифатат работа, кога ќе основаат семејство и дали некогаш ќе можат да купат сопствен дом.

    И токму затоа станбената политика од локална тема се претвори во едно од централните економски и социјални прашања на Европската Унија.

    Од 2021 до 2024 година бројот на дозволи за станбена изградба во ЕУ паднал за околу 22 проценти, додека градежните цени меѓу 2010 и 2024 година пораснале за 56 проценти.

    Истовремено, само шест до седум проценти од станбениот фонд во ЕУ е социјално домување.

    И тука се појавува уште еден европски парадокс. Додека во најбараните градови нема доволно станови, Комисијата проценува дека околу 20 проценти од европските домови се празни или недоволно искористени – категорија во која влегуваат сезонски и втори домови, но и недвижности купени како инвестиција.

    Во меѓувреме, краткорочното изнајмување експлодира. Според Комисијата, неговиот обем се зголемил за 93 проценти меѓу 2018 и 2024 година, што дополнително создава притисок во туристичките градови и региони.

    Европската комисија проценува дека околу еден милион луѓе во ЕУ веќе се соочуваат со бездомништво, а состојбата се влошува во повеќе земји.

    И уште еден податок покажува зошто 2050 година сепак е важна за дебатата: уделот на европското население што живее во урбани средини се очекува до тогаш да достигне околу 83 проценти. Тоа значи дека притисокот врз најатрактивните градови може дополнително да расте и покрај стареењето и очекуваното намалување на вкупното население во Европа.

    Европската комисија проценува дека за да се задоволи сегашната побарувачка, Европа треба да создава повеќе од два милиони домови годишно.

    Денес се градат околу 1,6 милиони, што значи дека се потребни приближно 650.000 дополнителни станови секоја година. Само таа дополнителна изградба би барала инвестиции од околу 153 милијарди евра годишно.

    Европскиот парламент, повикувајќи се на економска анализа на Европската инвестициска банка, наведува и поширок инвестициски јаз кај достапното домување од околу 270 милијарди евра годишно.

    Затоа нема сериозна европска институција што очекува станбениот проблем да биде решен за една или две години.

    МЕРКИ ЗА ДОСТАПНО ДОМУВАЊЕ

    Европската Унија првпат доби комесар со ресор за домување, а во декември 2025 година Комисијата го претстави првиот Европски план за достапно домување.

    Само неколку дена пред овој текст, на 9 септември 2026 година, Европската комисија предложи и нов Affordable Housing Act – Акт за достапно домување.

    Идејата не е Брисел да определува колкава треба да биде киријата во Скопје, Париз или Барселона – домувањето останува главно национална и локална надлежност.

    Наместо тоа, ЕУ се обидува да создаде заеднички механизам преку кој градовите ќе можат формално да прогласат „подрачја под станбен притисок“ и потоа полесно да воведуваат оправдани мерки за заштита на долгорочното домување.

    Тоа може да опфати интервенции поврзани со краткорочното туристичко изнајмување, празните станови и вторите домови, под услов мерките да бидат пропорционални и засновани на податоци.

    Комисијата наведува дека во буџетскиот период 2021–2027 веќе се мобилизирани повеќе од 43 милијарди евра за домување, а во 2026 и 2027 година треба да се мобилизираат дополнителни десет милијарди евра од европскиот буџет.

    Се создава и паневропска инвестициска платформа за домување, заедно со Европската инвестициска банка и националните развојни банки.

    Променети се и правилата за државна помош, со што земјите членки добиваат поголема слобода да финансираат изградба на социјални и достапни станови без сложени претходни процедури пред Комисијата.

    Се разгледува гарантна шема со која би се намалил или целосно би се отстранил депозитот што младите мора да го обезбедат при изнајмување стан, што често претставува една од првите финансиски бариери при отселувањето од семејниот дом.

    Се планираат дополнителни инвестиции во студентско домување, а за 2027 година се подготвува пилот-програма преку Erasmus+ за помош при сместување на мобилни студенти од посиромашни семејства.

    Во јуни годинава почна со работа и посебна Работна група за студентско и младинско домување во рамките на Европската станбена алијанса.

    Во мај 2026 година Комисијата го предложи првиот европски рамковен пристап за спречување на станбена исклученост и бездомништво, како дел од пошироката Стратегија на ЕУ против сиромаштијата.

    Фокусот се поместува од реагирање дури кога човек ќе остане на улица кон превенција – заштита од иселување, помош при долгови, посредување при закуп и, каде што е можно, моделот Housing First, според кој стабилното домување е првиот чекор, а дури потоа следуваат другите социјални услуги.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично