ПОВЕЌЕ

    БАНКИТЕ ЗА ЕДНА ГОДИНА ИМААТ 1,5 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ПОВЕЌЕ АКТИВА!

    Време зa читање: 4 минути

    Банкарскиот сектор во Македонија го затвори првото полугодие од 2026 година со впечатлив раст, достигнувајќи вкупна актива од 15,5 милијарди евра! Ова го откриваат најновите податоци на Народната банка.

    Споредбата со претходните периоди открива дека банкарскиот сектор забрзано се полни со пари. Така, салдото од 30 јуни претставува зголемување за околу 300 милиони евра во споредба со крајот на минатата година, кога активата изнесуваше 15,2 милијарди евра. На годишно ниво, пак, имаме драматичен скок од 1,5 милијарди евра. Минатата година банкарскиот сектор првото полугодие го заврши со 14 милијарди евра.

    Извор: Народна банка

    Според дефиниција за вкупна актива тоа е сè што банката го има како имот/побарување, односно сè во што се „вложени“ средствата на банката. Во активата на една банка влегуваат, меѓу другото: кредитите што им ги дала на граѓани и фирми; парите што ги има на сметки кај Народната банка и други банки; готовината; државни и други хартии од вредност; други финансиски средства и побарувања; материјални средства итн.

    Порталот „Пари“ анализира што ја сочинува активата заклучно со јуни годинава.

    КОРПОРАТИВНОТО КРЕДИТИРАЊЕ ГО ДРЖИ СТАПАЛОТО НА ГАСОТ

    Вкупните кредити на банките на крајот од јуни достигнаа 9,6 милијарди евра. Кредитирањето во јуни достигна импозантен годишен раст од 13,1 насто. Притоа, евидентиран е поголем раст на корпоративниот сектор и таму кредитирањето за една година се зголеми за 14,2 насто, а на домаќинствата за 12,2 насто. Сепак, во апсолутен износ поголемо е кредитирањето на домаќинствата во однос на кредитирањето на фирмите.

    Вкупниот износ на кредити кај фирмите на крајот од првото полугодие изнесува 293,8 милијарди денари, додека кај домаќинствата е 294,4 милијарди денари. И двата износи се околу 4,8 милијарди евра, со малку плус кај домаќинствата.

    Кредити во милијарди евра

    Извор: Народна банка (заокружени износи поради полесна перцепција)

    КАКО ДЕПОЗИТИТЕ ГО ХРАНАТ БАНКАРСТВОТО?

    Вкупните депозити во банкарскиот сектор во јуни стигнаа речиси 11 милијарди евра. И депозитите имаат постојан раст, но тој е помал од растот на кредитирањето. Така, во јуни депозитниот раст е 9,9 насто во однос на ланскиот јули, додека кредитниот беше 13,1 насто.

    Депозитите во банките во поголем број се резултат на домаќинствата отколку на корпоративниот сектор. Домаќинствата учествуваат со повеќе од двојно поголем износ од корпоративниот сектор. Така, првото полугодие го завршивме со 7,4 милијарди евра од домаќинства и 3,1 милијарда евра од фирми. Вкупните депозити вклучуваат и други ставки ‒ останати финансиски институции, непрофитни институции и локална самоуправа, кои го сочинуваат остатокот до 11 милијарди евра.

    Депозити во милијарди евра

    Извор: Народна банка

    ТРЕНДОТ ПРОДОЛЖУВА

    Народната банка објави и понови монетарни податоци. Од нив може да се види понатамошен раст и на кредитирањето и на депозитите, така што реално е да се очекува и понатамошен раст на активата, што би требало да се потврди во деветмесечниот извештај за состојбата во банкарскиот сектор.

    Во август вкупните депозити се 11,1 милијарда евра и се за 9 насто поголеми од ланскиот август, како и на месечно ниво – за 1,6 насто повеќе во однос на јули, но во јули имаше намалување во однос на јуни за 0,4 насто.

    Вкупните кредити во август се над 9,7 милијарди евра и имаат годишен раст од 13,6 насто, а месечен од 0,7 насто.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично