
Грант од 250.000 евра ќе биде почетната финансиска поддршка за подготовка на нов инфраструктурен проект на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Средствата ги обезбедува Шпанија преку Шпанската сметка за социјална кохезија, со која управува Развојната банка на Советот на Европа – ЦЕБ.
Иако сумата е релативно мала кога станува збор за универзитетска инфраструктура, нејзината намена е поинаква – парите нема директно да се трошат само за градежни работи, туку треба да помогнат во подготовката и започнувањето на поширок инвестициски проект за најголемиот јавен универзитет во земјава.
Договорот за грантот е потпишан во присуство на министерката за образование и наука Весна Јаневска, шпанскиот амбасадор Рафаел Соријано Ортиз и потгувернерот на ЦЕБ задолжен за земјите од целната група, Томаш Бочек.
Од ЦЕБ наведуваат дека средствата треба да овозможат насочена техничка помош за подготовка и навремено започнување на инфраструктурната инвестиција на УКИМ. Тоа подразбира активности кои претходат на самата градба – проектна и техничка подготовка, планирање, документација и други чекори без кои не може да почне реализацијата на еден поголем инвестициски зафат.
Конкретната намена на проектот ја објави министерката Јаневска. Според неа, поддршката ќе биде вклучена во финансиската конструкција за довршување на новите објекти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ и на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.
Станува збор за два објекти чие завршување подолг период останува отворено прашање, а новата поддршка треба да помогне процесот да се придвижи и да се забрзаат активностите за нивно довршување.
Во тој контекст, грантот од 250.000 евра не треба да се гледа како целосна инвестиција во двете згради, туку како дел од пошироката финансиска и техничка конструкција потребна проектот да премине во следната фаза.
Јаневска посочи дека ваквата помош треба да го забрза отпочнувањето и завршувањето на проектот, што значи дека следниот клучен чекор ќе биде обезбедување и активирање на останатите средства потребни за целосна реализација.
Поддршката на ЦЕБ за образованието во Македонија не започнува со овој проект. Соработката во секторот трае од 2007 година, а Банката досега одобрила кредити за десет проекти во јавниот сектор во вкупен износ од 314 милиони евра.
Со нејзино финансирање биле изградени околу 100 објекти за физичко образование и реконструирани 120 основни и средни училишта, од што корист имале околу 122.000 ученици.
Покрај кредитите, ЦЕБ обезбедувала и инвестициски грантови и грантови за техничка помош, токму за подготовка и полесно спроведување на поголеми инфраструктурни проекти.
Со сегашната поддршка, фокусот се префрла и кон високото образование. За УКИМ тоа значи отворање нова можност за придвижување на инфраструктурните проекти кои со години чекаат целосна финансиска и градежна реализација.
Аналитика








