ПОВЕЌЕ

    СИТЕ ГО БАРААТ СТИПО, ТОЈ – ВО ТАЈЛАНД: Уапсен поштарот кој пред 10 дена исчезна сосе пензиите на 50 пензионери од Чапљина

    Време зa читање: 3 минути

    Приказната за Стипо Јукиќ, поштар од Вишиќи кај Чапљина, доби нов тек. Откако исчезна на почетокот на септември, а информациите за неговото движење водеа сè до Тајланд, Јукиќ сега се појави на социјалните мрежи.

    Стипо Јукиќ, поштарот од Вишиќи кај Чапљина, осомничен за кражба на над 50 пензии, кои требало да им ги достави на пензионери во Чапљина, Босна и Херцеговина, а чие исчезнување беше пријавено пред неколку дена, вчера попладне беше уапсен на меѓународниот граничен премин Бијача.

    Јукиќ последен пат бил виден на 5 септември, кога со пријатели тргнал кон Мостар. Како што претходно беше објавено, тој патувал од Мостар до Сараево, потоа до Турција и на крајот до Бангкок, Тајланд.

    На профилот на TikTok „444dvanaest“ беше објавено видео на кое се гледа Стипо во друштво на млада жена; според описот, снимката е направена во Тајланд.
    Така, случајот што пред десетина дена започна како полициска потрага, доби сосема неочекуван тек по објавените снимки на социјалните мрежи, од кои можеше да се забележи дека Јукиќ, откако исчезна без трага, а со него и парите на пензионерите, терал одмор на егзотичната локација.

    Неговата мајка го пријавила неговото исчезнување во полициската станица во Чапљина откако тој престанал да комуницира со неа, што ја поттикнало полицијата да започне официјална потрага.

    Случајот привлече дополнително внимание во јавноста поради голем број пензии кои не им биле доставени на корисниците. Неофицијалните информации во тоа време укажуваа дека станува збор за меѓу 50 и 60 пензии.

    Во меѓувреме, на платформата „4fund“ беше покрената „хуманитарно-хумористична“ кампања со цел да се соберат 15.000 евра за Стипо. Наведените трошоци – претставени на шега – вклучуваа повратен билет меѓу Бангкок и Сараево, крема за сончање и адвокат. Се појави и Фејсбук-страница со наслов „Поддршка за поштарот Стипе во Бангкок“, а сега пристигна и првото видео од Тајланд.

    На 10 септември против него беше поднесена пријава поради сомнение за проневера, по што полицијата трагаше по него како осомничен, а не како исчезнато лице. „Хрватска пошта Мостар“ потоа ја извести јавноста дека сите пензии биле исплатени на 10 септември и дека е во тек внатрешна ревизија.

    „На 7 септември беше пријавено исчезнувањето на С.Ј. (роден 1995 година) од Чапљина; тој се упатил кон Мостар вечерта на 5 септември. Полициските службеници ги презедоа потребните мерки и дејствија, утврдувајќи дека лицето ја напуштило територијата на БиХ. На 10 септември беше поднесена пријава против С.Ј. поради постоење основано сомнение дека го сторил кривичното дело проневера; следствено на тоа, беше распишана оперативна потрага по него како сторител на кривично дело, а не како по исчезнато лице“, соопшти Министерството за внатрешни работи на Херцеговачко-неретванскиот кантон.

    Јукиќ вчера беше уапсен на граничниот премин „Бијача“, врз основа на оперативната потрага што беше распишана по него. „Полициските службеници од Полициската управа Чапљина го приведоа лицето и тоа беше сместено во притворска единица. За ситуацијата беа известени Одделот за криминалистичка полиција и обвинителот, а се преземаат и натамошните потребни мерки и дејствија“, наведе Министерството за внатрешни работи на Херцеговачко-неретванскиот кантон.

    (Фото: принтскрин од Тикток профилот на Јукиќ)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично