ПОВЕЌЕ

    Македонија влегува на новата гасна мапа на Европа – од крајна точка до можен транзитен јазол

    Време зa читање: 3 минути

    Македонија со години беше на крајот од гасната рута. Гасот доаѓаше практично од една насока, а просторот за избор беше ограничен. Сега државата се обидува да ја смени токму таа позиција – не само да добие повеќе патишта за снабдување, туку во иднина да стане и дел од транзитните текови што ќе го поврзуваат југот на Европа со нејзиниот централен и источен дел.

    Со потпишувањето заедничка декларација во Солун, Македонија официјално се приклучи кон рамката за соработка на Вертикалниот гасен коридор – регионална иницијатива што ги поврзува националните гасоводни системи, интерконекторите и ЛНГ-терминалите во поширока инфраструктурна мрежа.

    Но ова не значи дека низ Македонија утре ќе помине нов голем гасовод. Вертикалниот коридор не е еден цевковод, туку систем од веќе постојни и нови гасни врски кои треба да овозможат природниот гас да се движи по повеќе правци, пред сè од југ кон север.

    За Македонија, суштинскиот дел од приказната допрва треба да се изгради.

    Најважната алка е гасниот интерконектор со Грција, кој е во изградба и, според Министерството за енергетика, треба да биде пуштен во функција во текот на 2027 година. Преку него македонскиот систем ќе се поврзе со грчката гасна мрежа, а со тоа ќе се отвори и пристап до јужниот гасен коридор и до ЛНГ-терминалите во Ревитуса и Александруполис.

    Практично, тоа е точката од која диверзификацијата треба да стане нешто повеќе од политички термин. Наместо зависност од една доминантна рута, земјата би добила можност за пристап до повеќе извори и повеќе понудувачи.

    Интерконекторот со Грција е проектиран со почетен капацитет од 1,5 милијарди кубни метри природен гас годишно. Според Министерството, поголемиот број можни снабдувачи треба да создаде простор и за поголема конкуренција и поголема флексибилност на домашниот пазар.

    Во план е и интерконектор со Србија, преку кој Македонија би се поврзала со северниот правец и со гасните системи во Централна и Источна Европа. Доколку двете врски, со Грција и со Србија, бидат реализирани, земјата би можела да стане дел од западнобалкански крак на Вертикалниот коридор и од крајна точка на гасната мрежа да прерасне во транзитна точка.

    Досега главното прашање за Македонија беше од каде ќе го добие гасот. Новата инфраструктурна концепција отвора уште едно: дали дел од гасот во иднина ќе поминува и преку Македонија кон други пазари.

    Вертикалниот гасен коридор веќе ги поврзува системите на Грција, Бугарија, Романија, Молдавија, Украина, Словачка и Унгарија, а со неговото проширување кон Западен Балкан во иницијативата се вклучуваат Македонија и Србија. Целта е гасот да може да се движи во повеќе насоки и системот да биде помалку зависен од еден извор или една транспортна рута.

    Министерката за енергетика Сања Божиновска приклучувањето го оцени како чекор со кој Македонија ја менува својата досегашна позиција во европската енергетска архитектура. Според неа, земјата повеќе не треба да биде само „пасивна крајна точка“, туку активен партнер во регионалната гасна мрежа.

    Министерството и самото наведува дека следната задача е проектите на терен да се реализираат брзо и ефикасно, за придобивките од диверзификацијата да ги почувствуваат и граѓаните и економијата. Потпишувањето во Солун, всушност, ја формализира одлуката Македонија да стане дел од регионалната рамка, додека интерконекторите со Грција и Србија се тие што треба реално да ја променат позицијата на земјата.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично