ПОВЕЌЕ

    Кој ги издава тајните на Пентагон? Американската војска почна лов одвнатре

    Време зa читање: 3 минути

    Во Пентагон очигледно веќе не е доволно да имате највисоко безбедносно овластување. Откако во американските медиуми се појавија чувствителни информации за состојбата со американските резерви на современо оружје, десетици високи воени функционери биле повикани на полиграф.

    CBS News, повикувајќи се на американски функционери запознаени со истрагата, објави дека тестирањето опфатило неколку десетици лица, меѓу нив и припадници на американската Централна команда – CENTCOM, како и други високи команданти. Американските извори го опишуваат обемот на тестирањето како исклучително невообичаен, иако полиграфите сами по себе не се реткост кај лица кои имаат пристап до најчувствителните државни тајни.

    Причината за тревогата биле објавите за брзината со која американската војска троши дел од своето најсофистицирано и ограничено оружје во војната со Иран. До тие информации имал пристап релативно мал круг луѓе, што дополнително го олеснило стеснувањето на истрагата. Според еден од изворите на CBS, бил разгледуван дури и ризикот некој со пристап до чувствителните податоци да работи во интерес на странска разузнавачка служба.

    Претседателот Доналд Трамп бил особено разгневен од протекувањето, но досегашните тестирања не дале очигледен виновник. Два извори за CBS изјавиле дека никој од испитуваните не паднал на прашањата со кои истражителите проверувале дали доставувал информации до медиумите. Претседателот на Здружениот генералштаб, генерал Ден Кејн, не бил меѓу лицата што биле тестирани.

    Истрагата е дел од многу поширока офанзива против протекувањето информации од американскиот одбранбен систем. Министерот за одбрана Пит Хегсет уште во јули објави формирање заедничка работна група на Пентагон и Министерството за правда, чија задача е да ги идентификува и евентуално кривично да ги гони лицата што неовластено доставуваат чувствителни информации до јавноста.

    Во меѓувреме, контролата врз доверливите документи дополнително се заострува. „Вашингтон пост“ неделава објави дека Пентагон отстранил децении класифицирани материјали од интерниот систем SIPRNet, откако весникот објави детали за загриженоста на високи американски команданти околу продолжувањето на воените операции против Иран и влијанието што тие можат да го имаат врз способноста на САД да одговорат на криза на друго место во светот.

    Во Пентагон официјално се воздржуваат од детали за истрагата. Портпаролот Шон Парнел порача дека Министерството не коментира интерни кадровски и истражни постапки, но дека секое протекување класифицирани информации се третира исклучително сериозно поради можните последици врз националната безбедност и американските војници.

    Така, приказната веќе не се сведува само на тоа кој разговарал со новинарите. Масовното полиграфско тестирање покажува дека во врвот на американската воена структура се отвори и прашање на доверба – кој има пристап до најчувствителните информации, кој може да ги изнесе надвор од Пентагон и, можеби најважно, колку може да биде опасно кога противникот ќе дознае што навистина има во американските воени магацини.

    (Фото: Илустрација генерирана со вештачка интелигенција)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично