Забележливи се многу тротинети низ градските улици, но дали и колку новата законска рамка внесе ред во сообраќајот? Наместо по велосипедски патеки, електричните возила се движат меѓу пешаците. Тоа го детектирала и полицијата, повеќе од половина од прекршоците направени со употребата на овие превозни средства, се токму за непрописно движење по пешачки површини. И заштитните кациги не се во масовна примена.
Посвежи податоци нема, но неодамна објавените од МВР (на 25 август), покажуваат дека правилата и натаму се прекршуваат – во акциските контроли спороведени во текот на нешто повеќе од два месеци (18 мај – 31 јули) полицијата констатирала 965 прекршоци. Најголемиот проблем е начинот на движење. Или 519 прекршоци се за непрописно возење по површини наменети за пешаци, наместо по велосипедска патека или лента, согласно член 103-а од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Притоа, најмногу прекршоци биле регистрирани во Битола – 443, потоа Струмица 112, Скопје – 90, Тетово – 86, Велес – 73, Охрид – 59, Куманово – 45 и во Штип – 18. Дополнителни 39 прекршоци констатирала Мобилната единица за безбедност на сообраќајот.
Сепак, овие бројки не се показател за (не)ефикасноста од примената на новите правила. Контролираниот период почнува на 18 мај, додека измените со кои се заострија условите за тротинетите стапија во сила на 14 јули. Затоа, следниот целосен биланс на МВР ќе биде особено важен за да се види дали заострените мерки навистина го менуваат однесувањето на возачите.
Со измените, максималната дозволена брзина на електричните тротинети е намалена од 25 на 20 километри на час, а управувањето со нив е забрането за лица под 18 години. Заострени се и санкциите за прекршоците. Во првите денови од примената на новите правила МВР соопшти дека биле изречени 12 парични казни, меѓу кои и казна од 100 евра за користење мобилен телефон при управување со тротинет.
Додека Македонија го засилува санкционирањето, европските земји и градови применуваат различни модели – од целосна забрана за приватни тротинети во јавен простор до забрана само на услугите за изнајмување.
Во Обединетото Кралство приватните електрични тротинети се забранети на јавни површини. Дозволена е само употребата на тротинети од официјалните владини шеми за изнајмување во определени подрачја. За незаконско користење следуваат парична казна, казнени поени, а тротинетот може да биде и одземен, според правилата објавени од британската влада.
Во Холандија, на јавните патишта смеат да се користат само модели со национално одобрение. Од 1 јули одобрените електрични тротинети мора да имаат сина регистарска табличка, а возење без неа носи глоба од 290 до 490 евра.
Во други европски метрополи целта е пред сè да се запре хаотичното изнајмување. Париз ги забрани електрични тротинети за изнајмување уште во 2023 година, а дозволени се тие што се во приватна сопственост на возачите. Прага го забрани изнајмувањето од јануари годинава, а Мадрид ги укина дозволите за операторите за изнајмување и ги отстрани тротинетите од улиците во 2024 година.
Малта отиде во слична насока: од март 2024 година го забрани изнајмувањето електрични тротинети, но ги остави приватните. За нив се бара регистрација, а за возење на јавни патишта и исполнување на дополнителни услови.
Најнов пример за заострување доаѓа од Ирска, каде што во јули годинава тамошната влада најави минимална возраст од 18 години, задолжителна лиценца, кацига и елек со висока видливост. Истовремено ќе биде забранета продажба на модели што можат да надминат 20 километри на час.
Кај нас поделба нема. Кој нема свој електричен тротинет, може да ги користи овие возила од понудата на Бин-Бин и на Е-Инџој.
Бин Бин и Е-Инџој: кој вози подобро во бизнисот со тротинети?
Аналитика








