ПОВЕЌЕ

    Без нараквица нема влез: Строги правила за концертот на Дејвид Гета во Скопје

    Време зa читање: 3 минути

    Илјадниците граѓани што веќе купиле влезница за долгоочекуваниот настап на Дејвид Гета во Скопје добија нова, задолжителна задача пред да стигнат до бинскиот простор во Градскиот парк. Организаторите од „Авалон продукција” денеска јасно ставија до знаење – самата влезница веќе нема да биде доволна за влез на концертот. Секој посетител мора претходно да ја замени за нараквица, инаку на 8 септември едноставно нема да може да влезе.

    Промената, како што стои во соопштението, е воведена во координација со Министерството за внатрешни работи, со цел да се обезбеди побезбеден и поефикасен протокол за влез на настанот „David Guetta: The Monolith Show”, кој се организира по повод одбележувањето на 35 години независност на земјата.

    Целата постапка е прецизно тајмирана и организирана во посебно поставени куќарки во Градскиот парк – „Вембли”. Замената започнува денеска, 4 септември, во период од 16:00 до 20:00 часот, а продолжува секој нареден ден – 5, 6 и 7 септември – од 12:00 до 20:00 часот. Со тоа посетителите практично имаат само неколку дена да го завршат овој чекор пред самиот настан.

    Постапката, иако едноставна, бара точно исполнување на условите. Влезницата задолжително мора да ја понесе со себе, во физичка или електронска форма, заедно со лична карта или друг документ за идентификација на лицето на чие име ќе биде поставена нараквицата. Токму на тоа лице, физички на раката, ќе биде ставена нараквицата на самото место на замена.

    Од организаторите нагласуваат дека откако нараквицата еднаш ќе биде поставена, таа мора да остане недопрена сè до денот на концертот – не смее да се отстранува, оштетува или менува на кој било начин. Ризикот за посетителите е висок: доколку нараквицата се оштети или отстрани пред настанот, нема да биде издадена нова, а тоа автоматски значи дека лицето нема да може да влезе на концертот. Дополнително, штом влезницата еднаш биде заменета, нејзиниот баркод автоматски се блокира и таа повеќе не може да се користи ниту за влез, ниту за повторна замена – систем што практично оневозможува злоупотреба на веќе искористени влезници.

    За посетителите со нумерирани трибински места, организаторите посебно потенцираат дека тие мора да ја зачуваат влезницата и по замената со нараквица, бидејќи таа останува неопходна за пристап до конкретното седиште.

    Веста за задолжителната замена веднаш предизвика бран реакции на социјалните мрежи, при што дел од коментарите доаѓаат токму од граѓани надвор од Скопје, кои изразуваат загриженост дека краткиот временски прозорец и локацијата исклучиво во главниот град можат да им го отежнат пристапот до нараквица пред самиот настан.

    Организаторите воедно апелираат до сите заинтересирани да бидат особено внимателни при купување влезници преку трети лица или неофицијални канали, потсетувајќи дека „Авалон продукција” не презема никаква одговорност и целосно се оградува од проблеми, злоупотреби или последици коишто можат да настанат од купување или препродажба на влезници надвор од официјалните канали за продажба.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично