ПОВЕЌЕ

    ДВОЦИФРЕН РАСТ НА КРЕДИТИРАЊЕТО НА ГРАЃАНИТЕ – Дали тоа е сигнал за ново затегање од НБРМ?

    Време зa читање: 4 минути

    Станбените кредити во Македонија растат побрзо од потрошувачките, а во јули достигнаа раст од 16,6 насто на годишно ниво. Токму брзиот раст на задолжувањето во банките во Хрватска беше причина Хрватската народна банка да го намали просторот на банките за нови кредитни пласмани. Дали истото сценарио ќе се случи и во Македонија?

    Одговорот веројатно сè уште не е категорично „да“, но има доволно сигнали за Народната банка на Македонија да го следи пазарот многу внимателно.

    Според анализата на порталот Пари, најновите монетарни податоци покажуваат дека кредитниот циклус во Македонија продолжува со висока динамика. Во јули вкупните кредити на недржавниот сектор достигнаа 595,6 милијарди денари, што е раст од 13,3 насто на годишно ниво. Кај домаќинствата, кредитите достигнаа околу 297 милијарди денари, со годишен раст од 12,2 насто.

    Но, најинтересната бројка за споредба со состојбите во Хрватска е кај станбените кредити. Во јули нивната состојба достигна околу 119 милијарди денари, што е 16,6 насто повеќе од истиот месец лани. Потрошувачките кредити, пак, достигнаа околу 152,7 милијарди денари, со годишен раст од 12,1 насто. Тоа значи дека станбеното кредитирање во моментов расте значително побрзо од потрошувачкото.

    Во Хрватска, во јуни годинава кредитите на населението имале годишен раст од 11 насто, станбените кредити пораснале за 12,7 насто, а нестанбените за 12,2 насто. Од 1 октомври годинава, Хрватската народна банка планира двојно да го намали просторот за одобрување кредити што ги надминуваат регулаторните лимити. Кај станбените кредити, банките ќе можат да одобрат најмногу 10 насто кредити со сооднос на месечен долг спрема месечен приход (ДСТИ) од над 45 насто, наместо досегашните 20 насто.

    Кај нестанбените кредити, со фокус на потрошувачките, уделот се намалува од 10 на 5 насто за кредитите со сооднос над 40 насто, додека кај кредитите обезбедени со недвижност, кај кои соодносот на кредитот со вредноста на имотот е над 90 насто, уделот се намалува од 20 на 10 насто. Самите основни лимити не се менуваат. Хрватските банки и понатаму нема да смеат да одобруваат станбени кредити ако месечната отплата на вкупните долгови надминува 45 насто од месечниот доход или потрошувачки кредити ако надминува 40 насто.

    Причината за новите рестриктивни мерки е што Хрватската народна банка оценува дека минатогодишното затегнување дало недоволно добри резултати. Тие го намалиле кредитирањето на ризичните клиенти, но и понатаму има силен раст на вкупните кредити. Со други зборови, хрватскиот регулатор не ги затега повторно основните правила затоа што банките масовно ги прекршуваат, туку затоа што кредитниот циклус и понатаму е премногу силен, а новите кредити носеле и поголем ризик.

    Народната банка на Македонија веќе направи значаен потег на затегање на кредитната политика на крајот од 2025 година. Од 1 декември 2025 година се олесни финансирањето за лицата коишто првпат купуваат или градат дом, при што минималното сопствено учество е 10 насто. За сите останати, пак, правилото е построго: минималното учество е зголемено од 15 на 25 насто од вредноста на недвижноста. Паралелно, за прво живеалиште останаа лимитите за сооднос долг спрема приход од 55 насто за денарска и 50 насто за изложеност со валутна компонента, додека за останатите кредити се применуваат лимити пониски од 50 и 45 насто.

    Тука е разликата помеѓу Македонија и Хрватска. НБРМ во 2025 година направи нешто поспецифично ‒ го олесни пристапот до кредит за прв дом, а го затегна за останатите категории. Целта беше превентивна, односно да се спречи прекумерна задолженост, но истовремено да не се отежни решавањето на станбеното прашање за луѓето коишто првпат купуваат дом.

    Само неколку месеци по воведувањето на новите правила, податоците покажуваат дека станбеното кредитирање е забрзано. Во јули станбените кредити пораснаа 16,6 насто и побрзо од вкупното кредитирање на домаќинствата. Тоа не значи дека мерката за прв дом е погрешна. Оттука, се наметнува прашањето дали НБРМ подготвува нова макропрудентна политика?

    И цените на становите се важен сигнал. Според најновиот индекс на Народната банка, цените на становите во Скопје во вториот квартал од 2026 година се зголемиле 5,5 насто квартално, односно 13,3 насто на годишно ниво. Годишниот раст минимално забавува во споредба со 16,6 насто во првиот квартал од 2026 година и 25 насто во последниот квартал од 2025 година. Можеби тоа е една од причините што сè уште нема доволно силен сигнал за затегнување на станбеното кредитирање.

    Ако сепак дојде до ново затегнување, тоа веројатно би значело нови таргетирани мерки. Но, исто така може да се случи евентуалната следна мерка да не биде исклучиво насочена кон станбените кредити. Ако кредитниот циклус продолжи да се засилува, НБРМ би можела да интервенира пошироко во однос на кредитирањето на домаќинствата.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично