ПОВЕЌЕ

    Небанкарските финансиски институции располагаат со 5,47 милијарди евра

    Време зa читање: 3 минути

    Вкупните средства на останатите финансиски институции (ОФИ) во вториот квартал од годинава достигнаа 336,36 милијарди денари, односно околу 5,47 милијарди евра. Во споредба со првото тримесечје, регистрирано е зголемување за 7,2 насто – за 22,69 милијарди денари или 369 милиони евра. На годишно ниво растот изнесува 22,1 насто.

    ОФИ, во кои спаѓаат пензиските и инвестициските фондови, осигурителните друштва, финансиските друштва, лизинг-компаниите и друштвата за управување со фондови, учествуваат со 23,3 отсто во вкупните средства на финансискиот сектор. Најголемиот дел од средствата на ОФИ се кај пензиските фондови, со удел од 63,7 отсто, а потоа следуваат осигурителните друштва со 13,5 отсто.

    Најзначајни вложувања на ОФИ се должничките хартии од вредност, кои учествуваат со 49,3 отсто од средствата, и сопственичките хартии од вредност со 28,5 отсто. Растот на средствата во вториот квартал главно се должи токму на зголемените вложувања во овие инструменти, наведено е во соопштението на Народната банка.

    Задолжителните и доброволните пензиски фондови располагаат со вкупно 3,48 милијарди евра. На квартално има зголемување од 8 насто, а во споредба со истиот лански период – за 21 насто. Растот главно произлегува од поголемите вложувања во сопственички и должнички хартии од вредност.

    Кај осигурителните друштва во вториот квартал имало износ од 737,36 милиони евра, што е раст од 3 насто на квартално и 8,8 насто на годишно ниво. И кај нив главен двигател на растот се поголемите инвестиции во сопственички и должнички хартии од вредност.

    Инвестициските фондови за една година нараснале за 44 насто, а за три месеци 12,3 насто. Средствата се на ниво од 578,6 милиони евра. Позитивното движење најмногу се должи на зголемените вложувања во сопственички хартии од вредност, како и на повисоките износи на валути и депозити.

    Друштвата за финансиски лизинг имаат вкупни средства од 292,67 милиони евра, .зголемени се за 4,8 насто на квартално и 21,7 насто на годишно ниво. Побарувањата врз основа на кредити, кои се најголемиот дел од нивните средства, достигнале 226,19 милиони евра. Кредитирањето пораснало за 6,6 насто во однос на претходниот квартал и за 23,3 насто во однос на истиот период лани.

    За разлика од останатите потсектори, финансиските друштва имаат квартален пад на средствата од 1,1 отсто. Сепак, на годишно ниво тие бележат значителен раст од 30,3 насто. Нивните вкупни средства изнесуваат 306,96 милиони евра, од кои 259,67 милиони евра се побарувања врз основа на кредити.

    Најбрз раст имаат друштвата за управување со пензиски и инвестициски фондови. Нивните средства достигнале 69,04 милиони евра, што е зголемување од 27,5 насто за еден квартал и 50,9 насто за една година.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично